Дете-гение кое почнало да свири на шест години на мандолината на татко му, Упалапу сакал неговиот инструмент да звучи како гитара, и на него да свири рифови и „слајдови". Затоа, на традиционалната индијска мандолина која има четири жици, тој си додал петта, за да може да произведува и подлабоки бас тонови, плус ја направил електрична. Со тоа започнал личен, дотогаш неслушнат стил во рамки на ригорозните канони на индијската класична музика. По смртта на мајсторот на ситар, Рави Шанкар, кој беше познат по слични иновации на овој традиционален инструмент, музичкиот факел му беше пренесен на Шринивас.
Тој особено стана познат по соработката со Џон МекЛафин, композиторот Мајкл Најман, виолинистот Најџел Кенеди и виртуозот на кинескиот дулчимер Лиу Јуенинг. Во 1983 било планирано да има краток настап на Берлинскиот џез фестивал, во склоп на концерт на Мајлс Дејвис. Но воодушевената публика го викнала на бис, па тој свирел уште еден час. Целото шоу следниот ден го пренела германската телевизија. Наспроти ваквата светска слава, во татковината многумина го критикувале неговиот ексцентричен пристап толкувајќи го како навреда на традиционалната, карнатска музика на јужна Индија. Во текот на кариерата снимил дури 137 албуми, а отворил и музичко училиште каде бесплатно подучувал талентирани млади деца. Бил духовен ученик на неколку гуруа, меѓу кои и на Сатја Саи Баба.
На почетокот на септември му бил пресаден џигер, но за жал операцијата била неуспешна. „Соработката со него беше едно од најголемите искуства во мојот живот, а имам свирено со најславните", изјавил Меклафин по повод неговата смрт. Еве нивен настап во живо во Виена (51 минути)