Научниците од Њујоршкиот универзитетски центар за геномика и системска биологија имаат идентификувано над 3000 типови бактерии присутни на банкноти, и тоа само од една, Менхетен банка. Повеќето од нив биле бактерии од кожа, уста и вагина (?). Овие бактериски култури, габи и вируси наоѓаат начин да се транспортираат преку монетарни системи за размена, не почитуваат и не разбираат што се тоа граници. Нема визи или пасоши за микроби кои се пренесуваат преку носеви, раце или гениталии. Кешот е вектор на биолошките култури на глобално ниво.
Ова според уметникот Кен Риналдо асоцира на колонијалистичкото минато, како и на современото колонијално присуство, кое во голема мерка има врска со микробите и парите како моќен симбол на идентитет и национализам. Тој ги претставува овие ситни организми кои се пренесуваат од еден народ на друг со убави, „расцветани“ бои на банкноти, како кинескиот јуан, еврото, британската фунта, колумбијскиот пезос и американскиот долар. Изложбата се состои од парови банкноти ставени на плочи премачкани со агар, кои поттикнуваат размножување на микробите кои тие веќе ги носат.
Но и покрај сиот негативен багаж, како пренесувачи на микроби, и симболи на моќта на колонизаторите врз колонизираните, уметникот на овој начин ги претставува банкнотите и како симбол на борба за поотворен свет, во кој ни на луѓето, исто како и на бактериите, не би им требале документи за премин на границите.
Изложбата е отворена до 2 март во Арт лабораторија во Берлин.