„ФедЕкс“ е серија дела на американскиот уметник Валид Бешти, која се состои од ламинирани стаклени предмети со димензии кои совршено одговараат на димензиите на стандардните поштенски кутии кои ги користи оваа компанија. За разлика од други уметници кои ги преземаат сите мерки за да ги заштитат и обложат делата при транспорт, Бешти ги оставил какви што се, знаејќи дека вообичаеното ракување со нив секако ќе предизвика потпукнување или кршење.
Испратените скулптури кои на овој начин го добиле својот конечен облик благодарејќи на „ко-авторството“ на транспортерите, биле внимателно отпакувани од кураторите и музејските работници и изложени, со тоа што нивните имиња ги содржат конкретните датуми, трекинг броевите и големината на кутијата во која патувале.
Не само што уметникот бил фасциниран од ваквиот „отпечаток“ кој го документирал патувањето на секој пакет, туку истовремено бил зачуден што една корпорација може да поседува авторско право на точни димензии на кутија, што во суштина значи дека поседува празен облик:
Тоа е сопствеништво над волумен простор, што е различно од дизајн на кутија. Тоа беше мојата почетна точка - перверзноста на тоа една корпорација да поседува облик, а не само дизајн на предмет, и исто така фактот дека волуменот е всушност одделен елемент од кутијата. Тие се поседувани независно едно од друго.
Истовремено, ме интересираше како еден уметнички предмет се здобива со значење преку менувањето на контекстот, односно преку патувањето, па оттаму сакав да направам дело кое во својот центар го има транспортот, и кое станува материјално преку своето движење од едно место на друго, вели авторот.
Не ни е познато како компанијата реагирала на оваа анти-реклама, но барем може да се пофали дека учествувала во уметнички проект.