Името на проектот е European Attraction Limited, и тој е всушност пресоздавање на расистичката зоолошка која Норвешка ја отворила во 1914, кога земјата го прославувала истиот, само стогодишен јубилеј, со организирање на светски саем. Тогаш во Осло 80 Сенегалци живееле пет месеци во нешто што се нарекувало „Конгоанско село", a името на проектот е всушност име на компанијата која го изградила. Изложбата била отворена од кралот на Норвешка а ја посетиле 1.5 милиони луѓе.
За 200-годишнината Норвешка подготви огромна прослава, каде централно место зазема заложбата за рамноправност и за антирасизам, па двајцата уметници кои стојат зад проектот со човечката зоолошка, Мохамед Али Фадлаби и Ларс Кузнер, на овој по малку ироничен начин сакаат да ја потсетат оваа земја на не толку неодамнешната историја на екстремен расизам и нарушување на човечките права, која е речиси избришана од колективната меморија на Норвежаните.
Имено, откако Мохамед и Ларс, кои се од Судан односно Шведска, се распрашувале кај нивните норвешки пријатели и колеги за „Конгоанското село", никој не знаел дека таква изложба била организирана во Осло, иако имале слушнато за слични во други земји. Меѓу ретките документи е една многу кратка архивска снимка.
Проектот на рекреирање на селото е поддржан од владата на Норвешка, иако во јавноста наиде на големи критики. Во него сега нема само Сенегалци, туку претставници на различни раси, вери и народи, кои се пријавиле самите на сајтот на организаторите. Нивната покана гласела вака: „Ги повикуваме сите од било која страна на светот кои веруваат во значењето на дискусијата во врска со колонијализмот, еволуцијата на расизмот и рамноправноста...", предупредувајќи ги дека доколку бидат одбрани според нивното мотивациско писмо, тогаш ќе мораат да бидат подготвени на голем медиумски притисок.
Ова секако не е единствен случај на претставување на „Другите" како суштества од понизок ред. Еден од најпознатите примери датира од 1906, кога во куќата на мајмуните во зоолошка во Бронкс бил изложен Ота Бенга, Пигмеец од Конго. По бурни реакции на борците за човечки права, тој бил ослободен, но не можејќи да се прилагоди на животот во Америка по неколку години се самоубил со пиштол.