Последен пат кога медиумите обрнаа внимание на издавањето поштенски марки во земјава беше во 2020, кога по повод 9 мај, Денот на победата над фашизмот, а како благодарност за помошта во евроинтеграциите на Македонија од страна на Хрватска, беше издадена марка со скандалозен пропуст. Имено, таа содржеше погрешна карта на Хрватска, онаа „Големата“ од времето на Анте Павелиќ. По бурните реакции марката беше повлечена, а експресно беше разрешен Раководителот на Бирото за филателија, како и Советот за поштенски марки.
Со оглед на драстично намалената динамика на користење на поштенските услуги (тука не мислиме на карго компаниите), што заради „новите времиња“, а што поради недобивањето пратки со оглед на недостатокот на поштари (во нашиот случај ова траеше цела година - види претходно: „Поштарот ич не ѕвони“), не се сеќаваме кога последен пат и сме виделе актуелна поштенска марка, а уште помалку да сме се задлабочиле во она што е претставено на неа. Изгледа дека за ова прашање останаа да се интересираат само посветените колекционери-филателисти. Дури не бевме ни свесни дека поштенски марки Македонската пошта издава секоја година, со претходен план кој опфаќа неколку категории: културно наследство, спорт, музика, флора и фауна, празници или хуманитарни теми.
Tака, за 2024, меѓу другите, се предвидени македонски поштенски марки по повод 100-годишнината од раѓањето на Марлон Брандо и Шарл Азнавур, Летните олимписки игри во Париз, Крсте Петков Мисирков, 75 години УКИМ, исто толку години „Танец“, како и четири марки со различни видови желки. Бидејќи тие допрва треба да излезат, не знаеме како би изгледале, но затоа пак на сајтот на Македонска пошта ги има веќе објавените за 2023.
Тие вклучуваат марка по повод 400 години од раѓањето на филозофот Паскал, но и 75 години од раѓањето на Ѓорги Колозов! Се одбележал и половина век од смртта на Пабло Неруда, 475 години од раѓањето на Џордано Бруно, 100 години од раѓањето на Васка Илиева, 150 години од раѓањето на Енрико Карузо, а објавена е и марка во чест на Парашќеви Ќириази - основачка на првата женска школа во Корча и и Севати Ќириази - првата Албанка што напишала учебник за описменување во основните училишта.
Покрај поштари, на Македонска пошта веројатно ѝ недостасува и подобар Пи-ар, за јавноста да дознае за овие убави колекции.