Кога Јуксел ни носеше пошта, само кратко ќе заѕвонеше на врата, сигнализирајќи дека нешто оставил. Ако донесеше само ливче за подигнување пратка се извинуваше што не можел да ги м’кне пристигнатите книги во пластичната ќеса, која во меѓувреме изгледа ги има заменето оние црни чанти кои некогаш беа дел од поштарската униформа. Додуша тој ни униформа немаше. Сепак, одговорно си ја вршеше работата, па откако долго го немавме слушнато ѕвончето на „сец“, почна да нè јаде јанѕа. После два месеца и ниту една добиена пратка, одлучивме да се обратиме во главната пошта за нашиот реон.
Починал, сиротиот. Ќе назначеле замена.
Од тогаш има поминато долго време во кое сандачето е постојано празно. Пратките купени преку интернет се водат како пристигнати, но од нив абер нема. Доцнат известувања и институционални преписки - тип важни. Веројатно се пропуштени некои битни рокови за жалби и поплаки за кои допрва ќе дознаеме. Добро што одамна никој не ни пратил рачно пишувано писмо или разгледница, по нив најмногу ќе жалевме.
Неколку пати се обраќаме до одговорните во поштата, но креваат раменици - немале луѓе. Во меѓувреме пратките се трупаат и до сега купот веројатно е толку голем што не би го оправиле ни пет Јуксела. Пишавме до Дирекцијата на Македонска пошта, понудивме да организиме волонтери од маало кои барем би ги сортирале пратките, да се олесни работата. Љубезно одговорија дека тоа не е можно и ветија дека ќе преземат мерки. Поштарот се уште не ѕвони. А ние почнавме да ги пренасочуваме пратките кон адреси на пријатели и роднини, за да бидеме сигурни дека ќе стигнат.
Поштенската служба е една од најoсновните дејности за нормално, секојдневно функционирање на систем што го нарекуваме општество. Древниот бог Хермес (или Меркур), со крилцата на петиците наместо униформа, бил меѓу првите „поштари“ кои пренесувале пораки помеѓу двата света - оној на луѓето и на боговите. Кој бог ќе помогне сега за да пристигне пошта на нашата адреса, не во некое изолирано планинско село, туку среде главниот град на државата?