Деновиве на социјалните мрежи се појави шахта од скопските улици на која внимателниот набљудувач забележал нешто што можеби е уметнички апел против табуизирањето на големата нужда и форсирањето на мирисот на темјанушки во однос на амонијачните испарувања, а можеби едноставна коректорска грешка. Но фактот дека некој ова воопшто го регистрирал ни кажува една работа - дека додека идеолозите и физиотерапевтите нè учат секогаш да одиме со крената глава, гледајќи кон светлата иднина, понекогаш е добро да се погледне и надолу, за човек да не упадне во отворена шахта, или во јазичка грешка.
Ова, како и повеќето други работи, пред нас го сфатиле Јапонците, чиј современ канализациски систем се појавил во доцниот 19. век. Тие учеле од останатиот свет, и направиле канализација која има надземни пристапи наречени манхору (според анлгиското manholes, или по нашки шахти), но му додале локален „шмек“ кој од нив прави уметнички дела.
Најпрвин нивниот дизајн бил геометриски и крајно едноставен. Но кога во 1980-тите во помалите јапонски градови населението почнало да се буни против поставувањето на ваквиот систем, еден државен службеник го решил проблемот со тоа што овие во принцип грди објекти ги претворил во поле за натпревар помеѓу локалните уметници. И тоа не затоа што бил многу по уметноста, туку затоа што на овој начин сакал да им извлече пари на даночните обврзници за инаку скапите канализациски проекти.
Наскоро градовите почнале меѓу себе да се натпреваруваат кој ќе има подобар дизајн на шахта. Според Јапонското здружение за шахти (да, постои и такво нешто), денес има над 6000 уметнички изработени шахти низ Јапонија. Најчестата тема се дрвјата, пејсажи, цветни аранжмани и птици, истите симболи кои преовладуваат и во јапонската поезија и уметноста воопшто. Што е само доказ дека истите тие луѓе кои го произведуваат она гадното под шахтата, можат да го облагородат овој неславен физиолошки факт со малку култура.
Во 2010 излезе и книга на Ремо Камерота, англиско-австралиски визуелен уметник и режисер, под наслов „Дрејнспотинг: јапонски шахти", со збирка фотографии на според него најубавите. Еве некои од нив, за кои вреди да се чекори со наведната глава.