Новоприфатените зборови ги вклучуваат dad dancing („татковско" или лошо играње, онака како што наводно играат татковците), transphobic (страв и/или непријателско однесување кон трансексуалците) и wingsuit - облека која потсетува на лилјак, која ја носат падобранците и другите „летачи“.
Но најинтересниот нов збор е „твит(ање)“, со што Твитер се вклучува во елитната група приватни компании кои заслужија дефиниција во речникот. Епл и Мајкрософт се веќе таму во дефиницијата на „оперативен систем", додека Гугл го има својот истоимен глагол. Фејсбук сигурно не е воодушевен.
Истовремено, вклучен е и изразот Big Data, која според речникот означува „голем обем податоци, чие ракување и менаџмент претставува значаен логистички предизвик". Ова предизвика дискусии во круговите кои се занимаваат со техно-жаргонот, бидејќи критериумот за нешто да биде прогласено за „биг дејта" не е нивната апсолутна големина, туку тоа дали одредената група податоци ги вклучува сите, или речиси сите податоци на одредена тема.
Од истата област речникот сега го вклучува изразот crowdsourcing (кога други луѓе или фирми вршат работа за вас, прв пат се појавил во текст на Џим Хоув во Wired), глаголот to stream (како во чисто македонското - стриминг) и redirect - кога една веб страница ве пренасочува на друга.
Сепак некои од новите зборови како да се прифатени прилично доцна, и изгледа дека ќе имаат краток век на траење. Еден од нив е mouseover - кога минувате со курсорот на маусот преку нешто на мониторот па се појавува текст или слика. Овој феномен веќе се преточува во нешто друго, затоа што не можете да го сторите истото на екран на допир или на таблет.
Од поглупите нови лексички единици ја издвојуваме e-reader, „е-читач/читател", која сега не значи само апаратот на кој се читаат е-книги, туку и човекот кој тоа го прави. „Дали си обичен или е-читач?" - се надеваме ова прашање никогаш нема да мора да го поставиме.