Во октомври 1838, во денешна Гана, во замок кој бил истовремено и британски гарнизон и „трговски центар“ за робови, било најдено мртво тело на 36-годишна жена, тазе сопруга на британскиот службеник Џорџ Меклин. Слугинката ја нашла падната на подот од нејзината спална соба, со празно шише од цијанид во раката. На масата стоело неиспратено исмо, банално и весело, кое не личело на нешто напишано пред самоубиство.
Починатата била позната под книжевниот псевдоним ЛЕЛ, зад кој се криела Летиција Елизабет Ландон, една од најпознатите писателки од краткиот пред-викторијански период, која додуша заради „песимистичниот еротицизам“ била нарекувана и „женскиот Бајрон“. Нејзината поезија била објавувана над една деценија во популарни книжевни списанија. Родена во боемско-буржујско семејство од Лондон, таа ја постигнала ваквата слава со исповедниот тон на нејзините песни, кои сепак навестувале и големи тајни. Дали била грешница, жртва или пак лукаво играла на обете карти? Дури и неколкуте сочувани портрети на нејзинот лик делуваат како да се работи за различни жени.
Нова биографија на ЛЕЛ напишана од Лукаста Милер, е всушност прв подетален обид да се истражат деталите на нејзиниот живот. Ликот кој се појавува пред нас не е само „врската која недостасува“ помеѓу романтизмот и модерноста, туку е и интересен пример за раната уметност не перформативното самоизмислување во комерцијални цели, нешто како кога ЛЕЛ денес би била онлајн „инфлуенсерка“, која би ги знаела финтите на тоа како се заработува (пари и слава) од тоа.
Кога имала 19 години ги објавила следниве стихови:
„Оној кого го сакам мора да е богат,
неговиот имот мора да е јасен,
дали во земја или во пари,
исто ми е“
Ваквата не баш поетична директност не била вообичаена за времето кога сите сензитивни теми биле претставувани одоколу (многу пред Мадона да ја испее Material Girl). А таквиот стил си имал своја комерцијална публика, особено женска (меѓу кои и сестрите Бронте), која се восхитувала на отвореноста и безобразноста на својата претставничка. Поезијата на Ландон главно се појавувала во списание по име The Literary Gazette, кое почнало да се објавува во 1820.
И токму тука лежи клучот на толкување на голем дел од пораките на нејзините стихови. Како што открива биографијата, една од тајните на Ландон била тоа што на почетокот од нејзината книжевна кариера останала трудна со оженетиот уредник на спомнатото списание, Вилијам Џердан. За таа да молчи, тој ѝ понудил финансиска помош, а за да не биде сета работа премногу сомнителна, всушност ѝ плаќал за таа да објавува во неговото списание. Ова е откриено во 2000 година, кога при изработка на докторат за оваа авторка, една Американка открива доказ дека Ландон родила не едно, туку три деца од Џердан. Сите биле дадени на посвојување и продолжиле со своите животи во Австралија, Тринидад и Британија.
И таа не била единствената љубовница на Џердан, за кого се претпоставува дека бил татко на дури 23 вонбрачни деца. Како „спасител“ на Ландон се јавува аутсајдер по име Маклин, кој се жени со неа и се сели во Африка. Бракот значел бегство, но само физичко - тежината на тајните останале со неа до крајот, до шишето со цијанид со кое си го одзела животот.