Изведувачките уметности се полни со суеверија - се вели дека само трките со коњи и морепловците се поподложни на вакви верувања од театарџиите. Ова веројатно се должи на тоа што долго време во историјата на театрите сценски работници биле морнари на пауза од пловењето, кои со себе на сцената и позади неа носеле традиции и верувања кои некако фатиле корен. На пример, да се свирка на бродската палуба се смета за нешто што носи несреќа, а истото важи и за театарот, кога се свирка позади сцена. Но на списокот на најстрого забранети нешта во театарот е некому пред настап да му посакаш среќа.
Тои, тои, тои е ономатопоетска имитација на звукот на плукањето, она кога се бркаат уроци или лоши духови. Секогаш се кажува три пати, понекогаш реално поплукувајќи преку рамото на оној на кого му се посакува среќа (односно му се брка несреќата), или преку сопственото.
Овој израз е особено присутен во германското говорно подрачје (како скратено од Teufel - ѓаволот), додека во италијанското, на пример, се користи in bocca al lupo или „во устата на волкот“. Традиционалното отпоздравување на ова е со crepi, или „нека умре (волкот)“. Смислата е да извлечеш жива глава во каква и да е опасна ситуација. Во англиското говорно подрачје се користи break a leg или „скрши нога“. Во Франција танчарите пред настап си велат merde (срање), а едно од толкувањата е дека актерите на овој начин си посакувале голем број (богати) посетители со кочии, чии коњи...сфаќате.
Наши информатори од зад сцената велат дека кај нас се користи „скрши нога“ или „ај со лесно“. Епа нека им е со лесно (плукаме три пати).