Тиит-ти-тииит: Морзеовиот код се враќа

Оживувајќи 200 години стар систем, хардкор ентузијасти се обидуваат да ги заобиколат доминантните начини на комуникација, често на локации каде и онака не би имале интернет сигнал.

Речиси 20 години, Стив Галхут, пензиониран графички дизајнер, додека се искачува по планините на Колорадо во придружба на своето стадо кози, контактира непознати низ светот користејќи јазик кој е стар речиси два века, а кој многумина веќе го имаат прогласено за мртов. Испраќајќи пораки со Морзеов код од голема надморска висина тој обезбедува поголем опсег и стигнува до повеќе свои „колеги“ кои делат еден ист таен јазик.

Галхут е еден од три милиони аматерски радио-оператори во светот, наречени „хемс“ (hams, за потеклото на името има повеќе теории). Тие имаат лиценци издадени од државите во кои живеат кои им овозможува емитување радио сигнали на специфично доделени фрекфенции. Иако повеќето од нив се префрлени на понапредни начини на комуникација, како дигитални пораки, една хард-кор група се држи до Морзеовиот код, телекомуникациски јазик кој датира од раните 1800-ти. Тој им нуди посебно задоволство па дури и некој вид бегство од дигиталната реалност на модерните приврзаници.

Иако бројот на вакви радио оператори глобално се намалува, во САД се зголемува. АРРЛ, најголемото здружение на аматерски радио оператори во светот, базирано во Њуингтон, Конектикат, известува дека на годишниот радио натпревар, каде се добиваат поени врз основа на тоа колку разговори биле направени во тек на краток временски период, покажува дека бројот на учесници кои користат Морзеов код пораснал за 10% во 2021 во однос на претходната година. 

Овој пораст е значаен, со оглед на тоа што на почетокот на 1990-тите Федералната комисија за комуникација, која издава лиценци за сите радио аматери во САД, го избришала условот според кој почетниците оператори мораа да го познаваат овој код. Тој веќе не се користи ниту од војската и поморците, кои се потпирале на кодот како главен метод на комуникација од самиот почеток на радиото. За подемот на Морзевиот код сведочат и продавачите на опрема. 

Оние кои го практикуваат кодот велат дека ги привлекува неговата едноставност - само точки и цртички, а сето тоа потсетува на ерата на „ниска“ технологија кога разговорите се одвиваа покроце. Просечниот говорител на англиски изговара 150 зборови во минута, додека поискусните радио-оператори примаат и испраќаат само 12-25 зборови во минута. Со користењето на Морзеовата азбука можно е повторно да се воспоставуваат неврални врски кои кај корисниците не постоеле претходно - такви кои се формираат кога се вежба поинтензивно математика или музички инструмент. 

извор

12 февруари 2025 - 10:13