„Драга мамо, се надевам дека ова писмо ќе те најде во добро здравје, дека за Божик ќе излезам од болница и дека ќе може да се видиме“ - вака гласи една од првите документирани кореспонденции кои содржат поздрави и надеж за исполнување на некаква желба на војник од американската Граѓанска војна. Фоклористите сметаат дека ваквиот вид вербализирање има врска со таков вид мислење кое причинско-последично го поврзува посакувањето на нешто со неговата реализација. Со други зборови - со магија.
„Се надевам дека оваа порака ве наоѓа во добро здравје и расположение“ или „Здраво, одамна не сме се слушнале, се надевам си ок“ се толку чести воведи во поофицијални и приватни обраќања што нашиот ум веќе ги прескокнува, одејќи директно кон поентата на мејлот.
Но фолклористите и лингвистите сметаат дека тоа не се само формални фрази. Клишето на „се надевам“ кое навидум е љубезно и емпатично денес е можеби преавтоматизирано, но пред да стане рутина веројатно било користено со подлабока цел - надежта да се оствари.
„Магиско мислење“ е верување дека мислите можат да влијаат врз материјалниот свет. Или, магиското мислење претпоставува каузална (причинско-последична) врска помеѓу внатрешното, лично искуство и надворешниот физички свет. Ако на нешто се надевате, или се молите за тоа, истото ќе се случи (па дури и во отсуство на какво било друго дејство).
Магиското мислење е длабоко вкоренето или во посакувањето на нешто за друго лице, или кога се фантазира за сопствената иднина. Надежите и желбите се всушност негови елементарни облици, засновани на претпоставката дека тие навистина можат да влијаат врз реалноста.
Обредните искази не само што се очекуваат, туку се сметаат и за обврзни во одредени прилики, како родендени, дипломирање, пензионирање, празници. Нечеститањето во ваков облик може да се сфати како невоспитаност па дури и злоба. Ако не се надеваш дека сум добро, тогаш на што се надеваш? Воочи Нова година и божикните празници, добар момент за да посакаме, макар и магиски, нешто убаво.