Рехабилитацискиот центар Бескид се наоѓа на истоимениот планински венец, кој се протега од Чешка преку Полска и Словачка, за да запре некаде во западна Украина. Полн со алтернативни терапии, овој центар е едно од оние места кои ги посетуваат поимашните кога се чувствуваат добро, ама сакаат да бидат супер, или оние со хронични болести за кои стандардната западна медицина не успева да најде лек.
Има тука сешто - од „исцелувачка пирамида“, која е структура од обични прачки за кои се вели дека лечи, соба за криотерапија каде е кочан ладно, но и најпознатата во моментов, вилата Матма, или „Вила на темнината“ каде муштериите минуваат седум или повеќе денови во целосно отсуство на светлина.
Идејата е ископирана од 49-дневна тибетантска програма за изолација наречена јанг-ти, која на запад во 1960-тите ја промовирал германскиот етнолог и психотерапевт Холгер Калвајт. Патем, истиот тој тврдел дека Атлантида била дом на белите Нордијци, кои по катастрофата избегале на Медитеранот и таму ја основале хеленската култура, а во Грција ги донеле и своите богови, кои не биле луѓе туку рептилоидни вонземјани.
Назад кон терапијата со мрак, на својот сајт Центарот тврди дека таа е „многу ефикасна“ во спречување на болести произлезени од стресниот начин на живот, вклучително на рак и на метаболички нарушувања, дека ги изострува сетилата, ја стимулира креативноста и ја регенерира психата.
Бидејќи во мракот и нема што многу да прават, клиентите во Вила Матма спијат, вежбаат и медитираат. Јадат и се мијат во темница. Понекогаш пишуваат, цртаат или свират инструмент. Немаат пристап до телефони или до интернет, па дури ни до часовник или календар. На одредени периоди имаат прегледи од доктор и разговор со терапевт или „чувар“. Често велат дека имаат интензивни аудиовизуелни искуства, соништа или хипнотички микро-соништа, кои можат да го прошират умот, но некого и да преплашат. За сета оваа процедура тие плаќаат помалку од 100 долари дневно, но минимум престој е една недела. Во моментов местата се пополнети за следните две години.
Логиката на терапијата е ограничена стимулација од околината, процедура позната уште од осумдесетите, но која на времето се состоела од лебдење во базени со многу солена вода и престој во „ќелии“ во кои клиентот лежи сам на кревет во темна, тивка соба 24-48 часа.
Репортер на Атлантик го посетил чешкиот Центар и самиот поминал една вечер во вилата. Атмосферата која тој ја опишува помеѓу вработените кои се обидуваат да се претстават како медицински професионалци е сепак малку „шуби-дуби“ - од „чуварите“ на пример се бара детално теоретско знаење, меѓу другото на „базични вселенски закони“, книга на мртвите, сонувачки техники, шаманизам и бајки.
Иако во Чешка терапијата е многу популарна, мал број официјални доктори ја препишуваат на пациентите. Но според вработените во вилата тука се излекуваат куп болести, од егземи, инфекции за кои биле претходно пробани секакви антибиотици, а се подобруваат слухот и меморијата. Се уште не се извршени сериозни научни истражувања кои би ги потврдиле ваквите тврдења, но наскоро се очекува да започне студија во Козловице, уште еден мал град во Чешка со ваков тераписки центар, која би ја потврдила можната врска на продолжениот престој во темница и зголемувањето на нивото на хормонот мелатонин, која пак е поврзан со регулацијата на спиењето, кардиоваскуларното функционирање и отпорноста на различни болести, меѓу другото и на рак. Ова тврдење мејнстрим докторите засега го отфрлаат, па дури предупредуваат дека неприродниот ритам на светлина и темнина на кој организмот не е навикнат може да доведе до несакани последици.
И навистина, договорот кој се потпишува пред започнување на терапијата предупредува на можни нуспојави, од дезориентација до епилепсија и параноја. На репортерот на Атлантик му биле потребни само неколу часа престој во темницата за откако јадел, пиел и вежбал да се соочи со своето „внатре“, и да не му се допадне она што го видел - остатокот од 24-те часа само седел со гушнати коленици и плачел. Но имало и полоши случаи, луѓе кои излегле од таму после трауматско искуство веќе никогаш да не можеле да останат сами во темница.
На излезот од Вилата репортерот добил неколку сувенири: потврда за престојот, магнет за фрижидер и празна конзерва, на која пишувало „Целосен мрак“. Која веројатно треба да се отвори само во случај на потреба. Или најдобро, воопшто не.