Тадеуш Кахил бил адвокат со интересно хоби - верзиран во техничко цртање и механика, тој изумувал помагала за клавири и машини за чукање. Така го измислил Телхармониумот, на којшто се изведувала музика која денес ја препознаваме како „позадинска“, односно таква којашто се пушта во лифтови и трговски центри.
Првиот прототип се викал Марк 1 и тежел седум тони. За последната, трета инкарнација на иструментот, Марк 3, биле потребни 50 души да го склопат, трошокот за негова изработка бил 200.000 долари, тежел околу 200 тона и вклучувал над 2000 електрични прекинувачи. Музиката најчесто била изведувана од двајца (четири раце) и се состоела од главно класични дела од Бах, Шопен, Григ, Росини и други. Според сочуваните нацрти, огромната машина изгледала како индустриски погон.
Ова секако бил крајно непрактичен инструмент. Сепак, Кахил не само што нашол ентузијастични инвеститори, туку и организирал неколку успешни демонстрации во Балтимор а потоа, откако го расклопил и пренел со воз целиот механизам, и во Њујорк. До 1905 неговата Њу Ингланд електрик мјузик компани потпишала договор со Њујоршката телефонска компанија за поставување специјални линии кои би пренесувале сигнали од Телхармониумот низ градот. Со други зборови, доколку некој се приклучел на тие линии, можел да слуша телефонска музика.
Огромниот Марк 3 завршил во подрумот на Метрополитан опера хаус во времето додека Кахил работел на својата телефонска шема. Но остварувањето на планот одело тешко. Сите кабли испуштале радио бранови, а тоа на почетокот на 20 век предизвикувало големи проблеми - звукот на телхармониумот се мешал дури и со радио трансмисиите на морнарицата. Некој њујоршки бизнисмен, иритиран од постојаното паѓање на телефонските линии поради инструментот, наводно влегол во зградата кадешто бил чуван и го уништил, фрлајќи делови од машината во реката Хадсон.
Компанијата на Кахил пропаднала во 1908, иако последниот Телхармониум наводно функционирал до 1916. За жал, не постојат снимки од инструментот, но неговиот уникатен дизајн инспирирал друг важен електронски инструмент - органата Хамонд. Тој го импресионирал Марк Твен кој го демонстрирал преку телефон во тек на новогодишна прослава кај него дома, откако одржал говор како ентузијастичен поборник на новите технологии. Сепак, дури и ваквата поддршка не била доволна за инструментот да преживее.