Тејлор Свифт и Емили Дикинсон се братучетки

Генеалошкиот сајт Ancestry.com тврди дека пејачката и поетесата се шести братучетки од трето колено (што значи просто - роднини). Обете потекнуваат од англиски имигрант од 17 век. Веста доаѓа згодно пред новиот албум на Свифт во чиј наслов се спомнуваат поети.

Тејлор Свифт е во роднинска врска со поетесата Емили Дикинсон. Во понеделникот, 04.03., Ен-би-си Тудеј ексклузивно извести дека генеалошката компанија Ancestry.com им пронашла заеднички предок - англиски имигрант од 17 век.  Станува збор за пра-пра..(и така девет пати) дедо на Свифт и пра-пра (шест пати) дедо на Дикинсон, кој се населил во Виндзор, Конектикат. 

Предците на Свифт останале во оваа американска држава во тек на шест генерации, до моментот кога нејзиниот дел од семејството се преселил во северо-западна Пенсилванија, каде се посватиле со Свифтови. 

Дикинсон е родена во 1830 во Амхерст, Масачусетс, и се смета за една од најзначајните книжевни фигури во американската поезија. Таа живеела изолирано во куќата на нејзиното семејство и во текот на животот објавувала под псевдоним.

Интересно е што Свифт и претходно ја има спомнувано во јавни коментари во врска со нејзините песни. Во 2022, кога ја примаше наградата за најдобар уметник-композитор на декадата од Меѓународната асоцијација на композитори на Нешвил, таа изјави: „Ако моите стихови звучат како писмо напишано од прабабата на Емили Дикинсон додека шие тантелена завеса, тоа сум јас кога пишувам со пердув“. 

Фановите исто така долго време го поврзуваат деветиот студиски албум на Свифт, „Евермор“, со Дикинсон, забележувајќи дека неговиот датум на издавање, 10 декември 2020, коинцидира со роденденот на Емили. 

Можеби „ексклузивата“ е всушност штелувана како увертира во новиот албум на Свифт кој треба да излезе во април, под наслов „Одделението за измачени поети“. 

5 март 2024 - 07:16