Адријана Каселоти била девојка која живеела опкружена со музика, растејќи со мајка-оперска пејачка и татко кој бил учител по пеење. Бидејќи очигледно била надарена, родителите ја запишале во Холивудското средно училиште, каде настапувала во мјузикли. Кога имала 18 години, го слушнала такта си како зборува со Рој Скот, кастинг директорот на Дизни, кој му се јавил да го праша дали знае млади девојки со добри оперски гласови. Адријана му ја зела слушалката на татка си и се понудила себеси. Ја викнале на аудиција, а она што не го знаела е дека зад платното, поставено така за изгледот на девојката да не влијае врз проценката на продуцентите, бил и самиот Волт Дизни. Победила во конкуренција од уште 148 пејачки.
Сепак, таа не знаела за што е всушност аудицијата. Во тоа време се уште не постоел целовечерен црта филм. Кога ја добила работата и' платиле тогашни 970 долари (денешни 20.000). И' кажале дека ќе биде малку подолг од кратките филмови, на пример 20 минути. Не ја повикале на премиерата и не и' следувал процент од прикажувањето. Кога сепак успеала да влезе во кино салата, таму ги видела тогашните ѕвезди - Марлен Дитрих, Гери Купер, но исто така сфатила дека филмот всушност трае цел час и 23 минути.
Актерите кои исклучиво ги позајмувале гласовите за цртани или други потреби не биле ценети на времето, па така никој не знаел кој всушност стои зад ликот на Снежана, или принцот или маќеата. Што е уште полошо, Дизни инсистирал на ваквата анонимност, за да се задржи „илузијата дека ликовите се реални“. Постојано ја спречувал Адријана јавно да се пофали за улогата, забранувал нејзини интервјуа и инсистирал тој глас да се поврзува исклучиво со Снежана. Ова значело дека таа дури ни кај Дизни не смеела да сними ниту еден друг филм.
До крајот на кариерата имала само неколку филмски улоги за кои нејзиното име не било означено на шпицата. Една од нив е во „Волшебникот од Оз“ со кратка реченица која се слуша во позадина, а на сосема кратко се појавува во „Прекрасен живот“, кога Џејмс Стујард му се моли на Бог.
Неправдата до некаде е исправена кога во 1994 е прогласена за Дизни легенда. Но тогаш веќе имала 78 години, кои да не бил спомнатиот „фаустовски“ договор со Дизни веројатно можела да ги помине со поисполнета кариера, без да биде само Снежана.