Тарот, тарантули и ТикТок: нашата опсесија со предвидување на иднината

Нова изложба во Оксфорд ја истражува привлечноста на тоа да знаеш што ќе се случи во иднина, дури и кога тоа знаење може реално да влијае врз неа (за добро или за лошо). Освен ако не верувате дека нештата се „чкртнати“ - ама па тогаш и знаењето многу не ви помага.

Во Камерун, народот Мамбила практикува специфичен облик на пророкување за кое не треба да имате страв од пајаци. Користејќи карти слични на оние од тарот, се поставуваат прашања, потоа сe пушта тарантула од дупка во земјата да стапне на карта (на тој начин да ја „одбере“) и потоа се нуди толкување на истото.

Ваквиот тип на пророкување е експертиза на Дејвид Цајтлин, професор по антропологија на Универзитетот во Оксфорд, кој својата „лиценца“ за оваа работа ја добил од неговите испитаници од спомнатото племе. 

Цајтлин е ко-куратор на нова изложба, „Пророштва, предвидувања и одговори“ која се отвори во библиотеките Бодлијан во Оксфорд на почетокот на овој месец. Таа ги истражува практиките на предвидување на иднината низ историјата, покривајќи голем дел од светот.

Цајтлин се заинтересирал за оваа тема во текот на пандемијата, кога се случи наплив на тарот сеанси и други видови на пророкување, особено на ТикТок. На луѓето едноставно им беа потребни алтернативни извори на совети и некаква утеха, дека нештата ќе бидат ок.

Ко-кураторот на изложбата, доктор Мајкл Арони, специјализира во 17-вековна астрологија. Сепак, како што покажува изложбата, пророкувањето не е само нешто што е врзано со со далечното минато. Покрај 3000 години старите коски за пророкување од Кина, има и современи примери кои вклучуваат Магичната 8 топка (измислена во 1946, произведувана од Мател) или пластична риба која се поместува како што се поставува прашање. Нè зачеша рака да си набавиме една. 

26 декември 2024 - 10:23