Ако се наредат сите презимиња кои ги користела, би ги имала шест: Памела Берил Дигби Черчил Хејвард Хариман. Била британска аристократка која станала моќна фигура во Вашингтон, американска амбасадорка во Франција и жена која допрела голем број славни животи од политиката и културата на 20-тиот век.
Кога имала само 20 години, нејзинот свекор, никој друг туку Винстон Черчил, ја ангажирал како негово најтајно оружје - во текот на Втората светска војна таа вечерала, пиела вино и заведувала значајни Американци, за да ја придобие нивната поддршка против нацистите во сојузништво со Британија. Подоцна, нејзиното влијание се проширило, па таа била другарка со Кенедиеви, со Бил Клинтон, Нелсон Мандела и Труман Капоти, кој ја внесувал како лик (секако со променето име, но доволно препознатлива) во своите дела.
Починала пред 27 години, кога добила фатален мозочен удар додека пливала во базенот на хотелот Риц во Париз. Сепак, таа и денес останува контроверзен лик. Барем така е опишана во нова биографија на Соња Пурнел, „Жената што создаваше кралеви: неверојатниот живот на Памела Хариман полн моќ, заведување и интриги“. За некои читатели, книгата оддава почит на жена која живеела амбициозно и храбро. Но други сметаат дека станува збор само за жена која го користела сексот за сопствена промоција, а дека притоа нејзиното политичко влијание е преценето.
Нејзиниот брак со единствениот син на Черчил, Рендолф, се случил многу брзо. Во 1939, тој ја поканил да излезат и убеден дека ќе биде убиен во војната која самошто започнала, веднаш сакал да има син. Не ја сакал, но таа изгледала „доволно здраво“ за ваквата задача. Бидејќи и самата била заинтересирана да избега од досадниот живот со родителите во провинцискиот Дорсет, прифатила.
Рендолф не загинал, но станал алкохоличар и бил насилен кон неа и покрај тоа што таа си ја завршила „задачата“ - му родила син Винстон. Сепак, кога стариот Винстон станал премиер, снашката добила шанса да ги следи светските настани одвнатре. И на Черчил му текнало дека може да ја искористи - нарачал нејзин портрет со бебето да се најде на насловната на списанието „Лајф“ - тогаш најпродаваното списание во САД. Ја вклучил и во организацијата на посетата на првиот пратеник на Рузвелт во Британија, Хери Хопкинс, кој за неа рекол дека е „превкусна“.
Свекорот замижувал пред нејзините врски со куп значајни личности, сè додека таа му ги носела потребните разузнавачки информации. Eден од најзначајните извори бил оженетиот Аверел Хариман, американски милионер кој дошол во Лондон за да биде администратор на програмата за помош, која за Черчил значела живот или смрт. Нејзините „муабети на перница“ стигнувале и во обратна насока, кај водачите и влијателните функционери на обете страни на Атлантикот.
Откако по војната се развела, таа се преселила во Париз каде станала дел од космополитските елитни кругови. Имала врски со куп богати мажи, вклучително со принцот Али Кан, Џани Ањели и Ели де Ротшилд.
Во третиот чин од својот живот, станала моќен играч во Вашингтон. Во ова помогнала повторната средба, години подоцна, со спомнатиот Аверел Хариман. Тој во таа 1971 бил тазе вдовец, па двајцата поранешни љубовници повторно го разгореле стариот оган и се венчале неколку месеци подоцна. Со помош на милионите на својот нов сопруг, госпоѓа Хариман почнала да ги финансира кандидатите на Демократската партија, откако републиканецот Реган победил со голема предност на претседателските избори во 1980. Помеѓу нејзините фаворити имало двајца идни претседатели - Џо Бајден, тогаш сенатор од Делавер и Бил Клинтон, тогаш гувернер на Арканзас. Последниов, благодарен на поддршката, ја назначил за амбасадор во Франција.
Самата себе во интервјуа се опишувала како „девојката oд позадината“ која не сакала да се истакнува. Но всушност ништо од горенаведеното не покажува дека била срамежлива или во заден план.