Во подрумот на фабриката Стенвеј, на истоимената улица во Квинс, лоциран длабоко под земја, се влегува со притискање на палецот на мал биометриски скенер поставен до сосема обична врата. Но кога таа ќе се отвори следува уште една, направена од челик. Нејзиното отварање е придружено со дигитален глас кој го поздравува посетителот. Блага светлина ги открива скапоценостите кои се чуваат тука - шест прекрасни Стенвеј пијана.
Целата безбедносна процедура е малку претерана, со оглед на тоа што крадење концертен клавир од подрум на деловна зграда би било тешко изводливо и за најмузикалниот криминалец. Но факт е дека содржината на овој трезор е скапоцена. Станува збор за пијана со ограничен број примероци, од кое секое чини над 200.000 долари. Еден бел модел Д, рачно сликан со илустрации инспирирани од рускиот композитор Модест Мусоргски, чини 2 милиони долари. Сите пијана се на продажба, но влезот во трезорот е само со покана и со придружба - еден од тројцата чии палци ги препознава машината.
Пијанистите можат и да ги испробаат инструментите, на пример Моделот Б Спирио, направен според оригиналниот бел Стенвеј кој Ленон ѝ го подарил на Јоко во 1971 (и го има во спотот за „Замисли“), а изработен по повод 70-тиот роденден на Битлсот. Чини 217.000 долари.
За пијаната да дојдат до израз во сета нивна убавина Стенвеј ангажирал светлосни дизајнери кои создале впечаток дека секој инструмент е поставен на сцена, и ја прилагодиле светлината на материјалот и бојата на инструментот. Особено се истакнати декорациите, на пример кристалите и вгравираното сребро на катран-црниот Лалик Хеликонија Модел А (фото горе).
Компанијата Стенвеј е стара 166 години, а за изработка едно пијано се потребни 11 месеци работа. Исто толку колку што било потребно да се направи ваквиот џејмсбондовски магацин.