Дали „јазикот на престапниците“ бил вистински дијалект, или бил измислен како урбана легенда за писателите кои го користеле во своите дела да продаваат повеќе книги? Без оглед на одговорот, луѓето кои биле доволно писмени и истовремено доволно богати да можат да си купат книга, ги консултирале речниците на овој јазик, бидејќи верувале дека на тој начин потешко би подлегнале на измама.
Во 1528 во Германија била објавена една таква книга, под наслов „Либер Вагаторум“. Таа содржела лексикон на мистериозниот сленг што го зборувала ниската класа од тоа време. Воведот за енигматичната книга бил напишан ни помалку ни повеќе туку од теологот Мартин Лутер, кој како што самиот изјавил бил толку често мамен од лажговци и багабонти што му било дури и незгодно да признае. Живописноста и елаборираноста на речникот за него бил доказ колку моќно ѓаволот управува со светот, со тоа што овој дијалект на крадци, просјаци или битанги бил уште една од неговите алатки.
Иако има повеќе теории, никој не знае кој прв го започнал тајниот говор. Тој некаде е нарекуван „велшки ромски“, на друго место се среќава како „препродавачки француски“, но можно е ова да се пежоративни термини дадени од други народи за нешто што го користеле сите криминалци, без оглед на боја на кожата или националната припадност.
Сленгот е типичен пример на „криптолект“ - создаден со специфична намера да исклучи или да збуни специфична група, во случајов полицијата. Најбројните термини се однесувале токму на властите и на тоа како да не се биде фатен, односно „врамен“ - „рамка“ значело „гилотина“. Судиите биле наречени „бајачки“, борделите - „академии“, ризикот - „досада“. „Скршен прст“ означувал сериозна повреда, „средства за трошење“ значело мито, а „да направиш муабет“ (со некого) значело да го убиеш.
Според голем број популарни книги, крадците дури и положувале заклетва кога влегувале во ова наводно тајно здружение на криминалци. Во книга на Ричард Хед од 17 век, „Академијата на криминалниот жаргон“, тој ја опишува заклетвата на следниот начин: крадците бираат прекари и намерно си ги забораваат родените имиња пред да му се покорат на „големиот Принц“. Различни типови криминалци имале различни кодни имиња. Така на пример „кони кечерс“ биле оние кои мамеле невини жртви („кони“ е прекар за зајаци).
Ваквите речници влијаеле и врз казните со втиснување знак со вжештено железо на кожата на фатените на дело. Така, во 16 век во Англија тие биле обележувани со V (за vagrant, скитник, бездомник), но откако еден од влијателните речници на извесен Томас Харман го популаризирал терминот rogue (никаквец, престапник), знакот бил заменет со R.
Во 2009 медиумите објавија дека англиските затвореници го обновиле сленгот за да ги прелажат чуварите и да внесат наркотици во затворот. Еден од чуварите изјавил дека тие се во состојба дури и да станат лингвисти само за да го добијат она што го сакаат.