Телесните белези денес се објаснуваат со различна пигментација на одредени клетки во однос на остатокот од кожата или со зголемени крвни садови. Но некогаш ова било „доказ“ за тоа дека жената со таков белег е вештерка. Во текот на озлогласените судења на вештерките од Салем од 17 век, дури и обична бенка се толкувала како „знак на ѓаволот“.
Белезите често биле толкувани како резултат на стрв или недолично однесување на жените во текот на бременоста. Во македонскиот фолклор е првото - ако бремената посака нешто за јадење но не го касне, тоа значи дека истиот може да се најде „тетовиран“ на детското тело (тука веднаш замислуваме белег во форма на хамбругер со двоен помфрит). Или, ако бремената посилно се почеша по кожата, тоа може да резултира со знак точно на истото место на телото на бебето.
И ова е само дел од широкиот опсег забрани за бремените, кои требало да внимаваат каде се движат и со кого доаѓаат во допир, без оглед дали се хендикепирани луѓе или животни кои будат непожелни асоцијации. Таков пример е зајакот, кој ако се појавел во видното поле на мајката можел да предизвика детето да има зајачка уста.
Во времето кога зачнувањето деца било табу тема (не сме сигурни дека и денес се уште не е), ако детето имало белег на задниот дел од вратот, тоа се толкувало како резултат на гризот на штркот што така, во клунот, го донел на свет.
Меѓу славните личности има и такви со белези, а како особено симпатични се толкуваат бенките на убавите женски лица. Помеѓу мажите веројатно нема попознат телесен белег од оној на некогашниот лидер на СССР, Михаил Горбачов, кој се нарекува „винска дамка“ бидејќи личи на истурено вино. Повеќето од белезите се бенингни, но за други е потребна дерматолошка интевенција. Дури и денес науката не е секогаш сигурна што точно ги предизвикува.