Џерам е познат по повеќе уметнички проекти ни целиот свет, кои често вклучуваат јавни простори и интерактивност. Еден од нив кој му донесе најголема популарност беше „Свири на мене, твој сум" - инсталација на улични пијана на кои слободно може да се свири. Со овој проект тој бил присутен во 37 градови до сега, а се проценува дека на пијаната свиреле над 4 милиони луѓе.
Џерам има и уште една збирка која го обиколува светот. Се вика „Стаклена микробиологија", а се состои од рачно направени стаклени вируси и бактерии, со што не само што се посочува на тензијата помеѓу убавите форми и она што тие го претставуваат, туку и се покренува свеста за глобалното влијание на секоја болест која тие ја претставуваат.
Вирус на мали сипаници, горе - вирус на Птичји грип
Вообичаено вирусите и бактериите сме навикнати да ги гледаме во различни бои, но проѕирните и безбојни скулптури на Џерам имаат за цел да укажат дека ваквото вештачко боење, карактеристично за научното прикажување на микробиолошки феномени им создава погрешен впечаток на луѓето дека тие се навистина такви, шарени. Колку луѓе веруваат дека вирусите имаат силна светла боја? Всушност тие немаат никаква боја, бидејќи се поситни од брановата должина на видливата светлина.
Стручните медицински списанија и медицинските учебници се почесто ги користат токму неговите визуелни виролошки презентации, затоа што тие се сметаат за поблиски до вистинската слика на тие мали суштества кои прават да се разболуваме. Секако, во верзијата на Џерам тие се поголеми, или точно милион пати поголеми (тука одлична визуелна презентација на тоа колку се мали бактериите и вирусите).
ХИВ вирус
Ова се само некои од работите со кои се занимава овој интересен британски автор. Повеќе во видеото од една негова презентација во Лондон, на која покажува и особен смисол за хумор. Некои од неговите пронајдоци - чудотворен тостер, мрежа за фаќање астероиди (му го подарил на пријател кој често игра лото но никогаш не добива, па бар нешто да фати во животот) и прстенот кој го направил за неговата девојка, кој содржи аудио порака од 23 секунди, со која тој ја запросува. Добар, а?