На 12 март 1737, 95 години по смртта на Галилео Галилеј, Антон Франческо Гори, италијански антиквар и свештеник, го отстранил (читај: безочно го украл) средниот прст од телото на Галилео Галилеј, италијанскиот астроном, физичар и инженер. Требало да минат уште неколку стотина години за тој конечно да се вдоми во Музејот за историја на науката во Фиренца, кој од тогаш е преименуван во Музеј на Галилео.
Во 2009 уште два прста и заб кои му припаѓале на Галилеј биле откриени на аукција. Тие се воделе како исчезнати од 1905, и не биле видени повеќе од еден век. Но купувачот успеал да го трасира нивното потекло и ги вратил во Музејот, каде се совпаднале со деталниот опис на регистрираните артефакти.
Денес средниот прст се чува во мало стаклено „јајце“, сместено помеѓу други вредни предмети и астрономски инструменти. Тешко е да се знае како самиот Галилео би се чувствувал во врска со последното почивалиште на својот прст. Исто така, предмет на толкување е и неговата позиционираност - дали тој покажува кон небесата, каде Галилео ја согледал славата на универзумот и го видел Бог во математиката, или стои пркосно покажувајќи отпор кон Црквата која го осудила.