Односот помеѓу рускиот композитор Пјотр Илич Чајковски и богатата Надежда Филаретовна фон Мек, неговата мецена, бил по малку чуден. Таа му овозможувала постојан прилив на средства, доволно за тој да не мора да се грижи за секојдневните нешта, туку да се посвети на создавањето музика. Но имала еден услов - никогаш да не се сретнат лице в лице.
Мадам фон Мек била вдовица на тајкунот Карл Ото Георг фон Мек, кој го стекнал своето богатство во бизнисот со железници. Првиот пат кога влегла во животот на Чајковски, во 1876, веќе била позната дама од високата класа, со импресивна листа постигнувања и култивиран вкус. Се омажила на возраст од шеснаесет години и веднаш почнала да му помага на својот сопруг и покрај тоа што тој не го барал тоа од неа - сакала да навлезе во бизнисот, па ја поставил за железничарски инженер со мала плата. Истовремено, успевала да ги одгледа своите многубројни деца, и да ја развива својата репутација на добар аматер-музичар.
Иако веројатно и самата можела да биде добар композитор, таа среде ригидните општествени правила на царска Русија не можела да се надева на професионална музичка кариера. Оттаму, одлучила индиректно да учествува во креирањето на музичкиот пејзаж на земјата, поддржувајќи ги уметниците со средства кои ги надминувале дури и оние кои ги донирала Катерина Велика.
Таа го исконтактирала Чајковски со писмо испратено на 18 декември 1876. Тоа е истата година откако нејзиниот сопруг ненадејно умрел од инфаркт. Тогаш Мадам фон Мек имала 45 години, но делувала постара, со оглед на физичките и нервните проблеми. Не се гледала со никого, и била исто толку несреќна колку Чајковски во тој период.
Двете души се споиле и почнале интензивна преписка. Денес се сочувани 1200 од нивните писма. Секако, голем мотив за ваквиот ентузијазам од страна на композиторот било тоа што таа му ги исполнувала финансиските барања, не само како месечен надомест туку и во смисла на покривање долгови. Подолг период континуирано добивал 6000 рубљи годишно, што му овозможило да ја напушти својата омразена позиција на Московскиот конзерваториум каде што предавал музичка теорија цели десет години и да се посвети целосно на компонирањето.
На фон Мек ѝ е посветена Симфонијата број 4, прв пат изведена во Москва на 22 февруари 1878, а самата таа била директно вклучена во планирањето на композицијата. На нејзиното финансирање се должат и Симфонијата број 5, балетот „Заспаната убавица“ и операта „Евгениј Онегин“.
Она што е најнеобично е што тие двајца никогаш не се сретнале. Ова било прилично неконвенционално, бидејќи мецените сакале да се појавуваат во јавност со своите протежеа, држејќи ги до себе како верни придружници. Но не и фон Мек, која се ограничила на епистоларно пријателство, со човекот кого најверојатно длабоко и платонски го сакала.