Во раниот 20 век, голем дел од американската јавност бил возбуден од чудата на модерната наука и медицина. Но возбудата не подразбирала и реално знаење за тоа како функционираат нештата. Историчарот Метју Лавин пишува дека овој факт објаснува зошто илјадници луѓе верувале дека можат да се излечат користејќи апарат што емитира светлина, познат како Спектро-хром.
Изумителот на апаратот, Динша Гадиали, бил роден во персиско семејство во Бомбај во 1873. По студирањето математика, наука и медицина во Индија, тој отпатувал во САД во 1896 за да одржи серија предавања. Во тоа време, новооткриените икс-зраци биле фасцинантни за публиката, а тој ги дефинирал како манифестација на „астралната светлина на физичката рамнина“. Другите теми на неговите предавања низ годините вклучувале животински магнетизам, хипнотизам и слични мистерии.
Во 1920, Динша го претставил Спектро-хромот. Тој се состоел од метална кутија во која имало светилка од 1000 вати, со различни стаклени филтри во боја. Тој тврдел дека секој хемиски елемент е наштелуван на специфични фрекфенции на светлината. Кога телесната хемија е нарушена, тоа резултира со здравствени проблеми, па употребата на конкретна светлина можела повторно да го воспостави балансот. На пример, портокаловата го стимулирала дишењето и функцијата на тироидата, додека темно црвената поттикнувала љубов и благосостојба.
Низ годините, најмалку 10.000 луѓе од цела Северна Америка ги комплетирале десетдневните обуки или, подоцна, дописните курсеви и така станале официјални предавачи во Спектро-хром институтот на Динша. Тие на овој начин се лечеле себеси, своите семејства и пријатели, а понекогаш и муштериите кои плаќале за истото.
Повеќето од практикантите биле од работничката класа и голем број биле жени. Тие во ова занимање не гледале само начин нешто да заработат, туку повеќето навистина верувале во методот како научен, а курсот го сметале за „универзитетско образование збиено во две недели“.
Спектро-хромот почнал да опаѓа во 1946, кога федерален суд во Бруклин го осудил Динша на пет години условно и наредил да се запленат апаратите. Го обвиниле за надрилекарство. Но и покрај забраната имало луѓе кои продолжиле да работат и тој одржал значајна контрола врз бизнисот до својата смрт во 1966.