„Рај и пекол“ е јапонска полициска драма режирана и монтирана од Акира Куросава. Филмот е базиран на романот „Кралскиот откуп“ од Ед МекБејн, а ја следи приказната на член на одбор на јапонска компанија кој е присилен да донесе одлука, дали ќе вложи голем дел од своето богатство за да се искачи на врвот на хиерархијата или ќе му помогне на свој вработен да си го ослободи детето од киднапери. Во главната улога е славниот Тоширо Мифуне.
Сега, Спајк Ли и Дензел Вашингтон по петти пат ќе соработуваат, и тоа на обработка на овој филм. Снимањето ќе почне во март. Претходно истата приказна беше инспирација за минисеријата на Стивен Содерберг од 2023, „Полн круг“ (Full Circle). Во 2008, излезе вест дека Скорсезе би правел римејк со сценарио од Дејвид Мемет, но подоцна веќе не се слушна за проектот.
Ли претходно има зборувано за почитта која ја има за Куросава, велејќи дека неговата комедија од 1986, „Таа мора да го има“ била повлијаена од „Рашомон“.
Римејкот во кината ќе биде дистрибуиран од А24, пред да биде емитуван од Епл ТВ+. Сценариото ќе биде на Алан Фокс, поранешен кошаркар и модел кој преминал во сценаристи. Последен филм на Ли беше Da 5 Bloods од 2020.