„Совршената сосетка“ или документарецот сниман со полициски камери номиниран за Оскар

Со појавата на полициските боди-кам снимки, жанрот „тру крајм“ добива нова визуелна и наративна форма. Наместо реконструкции и интервјуа, пред нас се одвиваат сурови, нефилтрирани сцени од реални интервенции – конфликти, страв, неодлучност и институционални пропусти. Овој пристап отвора прашања не само за индивидуалната вина, туку и за улогата на законите, оружјето и системот на правда во современа Америка, во филм номиниран во жанрот документарец за оваа година. 

Жанрот „тру крајм“ добива нов медиум – можеби дури и нов јазик и „граматика“, како што одлично забележува критиката за филмот „Совршена сосетка“, документарец номиниран за овогодинешните Оскари. На снимките од камерите кои полицијата ги носи на себе (боди-кем) лицата на жртвите, сведоците и осомничените се појавуваат одблизу, често осветлени од фарови или батериски лампи, а на нив се читаат страв, паника, огорченост или изглумена невиност. Понекогаш се гледаат и самите полицајци – едниот стои речиси безизразно, додека другиот поставува прашања со неочекувана воздржаност, можеби затоа што знае дека сè се снима.

Ова е пристапот на режисерската Гита Гандбир, во филм за трагичното убиство на Аџике Овенс во Окала, Флорида – црна жена со четири деца, која наводно имала долг конфликт со својата бела сосетка, Сузан Лоринц. По низа инциденти и чести повици до полицијата, во 2023 година Лоринц ја застрелала Овенс низ затворената врата од својот дом, кога таа дошла да се соочи со неа поради наводно фрлање предмети кон нејзините деца.

Полицијата открила дека Лоринц претходно истражувала на интернет за важечкиот закон во Флорида, „Stand your ground“ („Остани на своето место“ или „Брани си го местото“), кој дозволува употреба на смртоносна сила ако постои претпоставка за сериозна закана. Филмот ја гради приказната преку снимките од претходните полициски интервенции, како и хаотичните сцени по убиството, дополнети со аудио-снимка од повикот на Лоринц на 911, во која таа со треперлив глас бара помош. Вклучени се и сцени од испрашувањето, кои создаваат студена и вознемирувачка атмосфера.

Филмот не нуди длабока психолошка анализа, ниту оправдување за Лоринц. Жената делува благо речено нестабилно и не е дека не сме посведочиле такви комшии кои мрчат на сè, па дури и на детска игра. Во една сцена се претставува како „доктор“, но нејзината биографија покажува постојано менување на професии и работни места, од кои најблиску до доктор било болничар.а Но тука има и нешто повеќе од претставување на конкретен случај - нејзината постапка се претставува како пример за тоа како законите „Stand your ground“ можат да доведат до бесмислено и трагично крвопролевање, иако прашањето за поседување оружје и американскиот Втор амандман не се става во прв план.

Подолго време по настанот, Лоринц не била формално уапсена, туку само задржана, па дури ѝ било понудено да преноќи во хотел. Кога конечно била уапсена, има впечатлива сцена во која таа одбива да стане и да ги подаде рацете за да ѝ стават лисици – не агресивно, туку со тивок, самосожалувачки тон, како некој што се повикува на своето ментално здравје. Се поставува прашањето дали дотогашниот внимателен третман ја навел да мисли дека тоа може да ѝ успее. Одлуката на поротата е оставена за самите завршни одјави, како да вели - без оглед на исходот на овој поединечен случај, сигурно ќе има продолженија. 

23 февруари 2026 - 10:09