На почетокот на минатата, 2017 година, излезе нов албум „генеративна“ музика на Брајан Ино, уште еден во редот негови визионерски проекти. Како што пишувавме тука, „Рефлексија“ беше оценет како најхрабар обид до сега преку користење алгоритми и моќна преносна технологија за да се создадат бескрајни и променливи верзии на медитативни парчиња музика, како градина која откако ќе бидат посадени семињата почнува да се развива по свој, природен пат.
Неодамна Ино и неговиот соработник Питер Чилверс ја продолжија оваа „градинарска“ работа, поставувајќи во Амстердам инсталација под наслов „Цветање: отворен простор“. Се работи за искуство кое е на граница помеѓу музичко и визуелно, а е овозможено со апликацијата Блум и со очила ХолоЛенс кои го внесуваат слушателот/учесникот во 3Д холограмска градина со звучни меури кои растат, пупат и цветаат.
ХолоЛенс е производ на Мајкрософт поврзан со платформата за тн. „мешана реалност“ на Виндоус, претставен во јавноста во март 2016, но се уште во фаза на развој. Соработката на компанијата со Ино е прво поврзување на оваа платформа со музиката и уметноста, чија цел според производителот е „ослободување на креативноста од стегите на реалноста“.
Корисниците на апликацијата со притискање на мониторот создаваат обоени сфери кои се истовремено и ноти. И кругот и звукот се шират - или цветаат, додека не исчезнат, случајно спојувајќи се со други „цветови“, и на тој начин создавајќи музика. Може да се „игра“ и мрежно, со 10-15 истовремени учесници во креирањето на звучната градина.
Еве како изгледа и звучи тоа, како најава на пролетта.