„Сообраќајна НЕЗГОДА со смртни последици“: како зборовите релативизираат трагедија

Букбокс нема кој знае каква агенда за општествена „мисија“ или амбиција да го промени светот. Но доколку едно, ЕДНО нешто помогнеме да се промени во медиумскиот простор, ќе бидеме задоволни. Ако има мртви не е НЕЗГОДА, тоа е трагедија, несреќа. А можеби и убиство.

Со години во медиумите се провлекува еден ист термин за сообраќајки со смртни последици кој е во најмала рака недостоинствен кон жртвите, а крајно штетен за нас, се уште живите. Колоквијално, „незгода“ асоцира на непријатен и немил настан, но не и таков кој завршил со губиток на нечиј живот. „Незгодно“ е ако ти дувне ветар во онаква платнена соблекувална на плажа дур си соблечен. „Незгода“ е ако мацнеш со ракавот во супа. Ако некој се сопне на кора од банана (што е уште понезгодно ако некој тоа го види). Во Дигиталниот речник на македонски јазик, како пример за „незгода“ односно непријатно дожувување е наведена реченицата „На враќање имавме незгода, ни ги загубија куферите“. Веднаш под ова прво толкување се вели: слично со - несреќа. 

Не знаеме зошто авторите на речникот се одлучиле за вакво решение. Но емоционалната реакција на вест дека некој ваш близок имал „незгода“ во однос на „несреќа“ во секојдневниот живот самата зборува за градацијата на сериозноста помеѓу едното и другото. Градација која треба и мора да постои, затоа што оној што предизвикал обична НЕЗГОДА (тој што ја фрлил бананата на пат) и оној што предизвикал НЕСРЕЌА (подметнат пожар, лошо проектиран објект, прегазен пешак) не се виновни за нешто со иста тежина. Ако е така, зошто тогаш не велиме „трагична незгода“, туку „трагична несреќа“ или просто „трагедија“? 

Истражувајќи го потеклото на штетниот термин кој папагалски се повторува по медиумите, сфативме дека „рибата смрди од главата“ односно дека изворот е самиот ЗАКОН ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15 и 226/15). Во него дословно се вели: 

Не знаеме како гласела оваа одредба во претходни верзии, но сосема е можно со оглед на обидите за прилагодување на европското законодавство ова да е вина на преведувач кој предизвикал несреќа со трајни лингвистички последици преведувајќи го accident со „незгода“. Ставајќи го во ист пасус овој термин со загинувањето и починувањето, односно со смртта, излегува дека да умреш е просто - НЕЗГОДНО.

Дека е тоа веројатно така покажува истиот Закон и истиот член во хрватска верзија, кој е буквално ист. Со тоа што Хрватите биле попаметни и си ставиле „несреќа“, иако и тие имаат збор „незгода“.

И за да превенираме глупи реакции од лингвистички пуританци, дека двата термина согласно речникот се синонимни и дека ова е работа на толкување. НЕ Е! Ниту еден наслов кој гласи „Тешка сообраќајна НЕЗГОДА во Србија, борбено возило прегази патничко, загинаа 5 лица од кои три деца“ не звучи нормално. А ако некому му звучи и не може да вклучи четири жмигавци, да подзастане во пишувањето и да размисли за тоа колку терминот НЕЗГОДА може да ја релативизира одговорноста, казнивоста и трагичноста, тогаш тој не е само учесник во медиумскиот сообраќај, туку и соучесник во секоја таква опишана несреќа. Со други зборови ваквите вести

ги изедначува со ова: 

Илина, Букбокс

31 јануари 2025 - 09:58