Од златни соларни религиски артефакти кои потекнуваат од бронзеното доба (1400 години пне), до детали поврзани со најавените соларни мисии на НАСА, „Сонцето: живот со нашата ѕвезда“ која наскоро ќе се постави во Научниот музеј во Лондон ја раскажува приказната за нашата зависност од сонцето, и различните начини на кои било толкувано неговото влијание во минатото.
Изложбата е поделена на неколку тематски целини: Денови и години (како луѓето го замислувале движењето на сонцето по небото), Сонце и здравје (нашето сфаќање на ефектите на сончевата светлина врз телото), Моќност од сонцето (развојот на човечките обиди да добие енергија од сонцето) и Набљудување на сонцето (откривањето на тн. сончеви пеги во 17 век, до денешното набљудување на сонцето заради откривање потенцијално катастрофични ефекти врз времето).
Од интерактивните содржини посетителите ќе можат да уживаат во симулација на плажа на која ќе биде дозволено сончање, да пробуваат антиквитетни наочари за сонце во дигитално огледало, и да набљудуваат изгрејсонца во различни сезони и на различни локации низ светот на огромен ѕиден дисплеј.
Eден од пообичните по форма, но интересен по приказната врзана за него, е соларен панел кој пред скоро 40 години бил поставен на Белата куќа од страна на тогашниот претседател Џими Картер, кој се надевал дека тие таму ќе останат засекогаш. Неговата идеја била 20% од потрошувачката на енергија во САД да доаѓа од сонцето. За жал, за помалку од 18 месеци кога на негово место дошол Роналд Реган, соларните панели биле веднаш отстранети. До сега биле складирани во Јунити колеџ во Мејн, од каде еден е позајмен за лондонската изложба.
Таа ќе биде отворена на 6 октомври а ќе трае до 6 мај 2019.