21 март, Меѓународен ден на поезијата

„Сол си песно меѓу прсти“

РАЃАЊЕ

Се извиши мојот кедар
јас од ведар
се натуштив густо

Кората му набабри од сокој
јас од спокој
се распукав до сува греда

Од коледар
говедар
без стадо
сешто дадов
за два млади кедра

Врз моите дрвја
                     црвја
не се јазат
                    лазат
само
по нервите мои

Кедри раснат
а јас спласнав
спремен да се вселам
во моето ново тело.

***

СМИРУВАЊЕ НА ДЕНОТ ВО МОЈАТА БАВЧА ПОКРАЈ ВАРДАР

Овој „смирај дана“
                  го канам
на мојот погреб
Да е почин
да е почит
и знак очит
за тоа кон кое целев
Да е целув
кој ве гали
ве скокотка и ве мами
да речете:
еве ваков,
               сакаше
да биде

***

ТИ

Ти
јазику мајчин
тврдина си
кај се кријам
и тврдост по која ријам.

Твојот подник
слик
за листот
кој трепери
на зли бури.

Ти си маса
што се меси
и маса
на која месам;
зачин ти е потта
прегоруваш ти од плотта
бараш нежност
дур се печеш
даваш љубов
кога сечеш.

Збудалувам
штом се слечеш
и откриваш тајни.

Сол си песно
меѓу прсти
што те ронам
врз мртвите -
да не смрдат.

Цветан Враживирски
(oд збирката „Реге за регенерација“)

21 март 2018 - 13:42