Пред неколку години Смитсонијан објави список на најоткачени наслови на статии кои излегле во научни списанија за Божик, меѓу кои „Потеклото на магијата: преглед на генетски и епигенетски ефекти“ според кој вештината на зборување со змии или предвидување на иднината „изгледа“ дека се наследни, „Чоколадо и спуштање на тестисите“ во кои тврдеа дека два типа чоколади се необично слични на обликот на тестиси па дека оттаму можат да се користат како модели при проценка на степенот на спуштеност на тестисите кај пубертетни момчиња, како и статија во која фактот што Џејмс Бонд сака „тресено“ мартини се толкува како резултат на неговиот алкохолен тремор.
Целта на оној што ја смислил оваа традиција е барем за момент да се разбие често стерилниот и ригиден академски пристап, и ете, при крајот на годината „малку да се насмееме“. Но дали на науката ѝ е дозволено да иронизира, онака како што би можело едно „обично“ списание?
Според текст објавен во „Научна и инженерска етика“ од декември 2015, под наслов „Етиката на ироничната наука и нејзината потрага по зафрканции“, целта на повеќето научни истражувања објавени во рецензирани списанија е да ја откриваат и да известуваат за вистината. Текстовите кои се напишани на зафрканција, а кои би требало да бидат сфатено иронично и лежерно, се напишани во истата конвенционална форма и во истиот стил како и нормална истражувачка статија, па оттаму често се земаат за сериозно и се цитираат како да држат вода. Такви случаи авторите на овој текст избројале дури 60. Еден од нив, на пример, кој вели дека Австралијците страдаат од нешто што се вика „синдром на недостаток на мотивација“, кој би можел да води дури и кон губење на мотивација за дишење, се „прелеал“ во медиумите како вистинско откритие.
Проблемот е што ваквата сатирична наука се индексира во дата базите вон контекстот кој би укажувал на тоа дека не треба да се земат сериозно. Оттаму, препораката е божикните изданија да се архивираат посебно. Но дали заради сето ова треба да се прекине ваквата традиција? Не - велат научниците - бидејќи ако нешто се сфати погрешно не е до нив, туку до неукоста на читателите, кои се интересираат за научни резултати само кога тие се смешни.
Поврзано: „Кога не што звучи ’научно’“