Делата за кои се товарел Пјер Голдман можеби биле „обични“ кривични дела - вооружени кражби и убиство, но тој самиот не бил обичен. Роден при крајот на Втората светска војна како син на Евреи - активни во движењето на отпорот, тој имал трауматично детство и насилна младост. Бил бркан од сите училишта и интернати во кои се обиделе да го сместат, одбил да го служи задолжителниот воен рок, а наместо тоа заминал за Куба, каде се нашол токму во моментот на убиството на Че Гевара. Таму се запознал со припадници на венецуелската герила, на која ѝ се придружил во вооружените акции. Во пристаништен град во Венецуела тогаш ја ограбува и првата банка, а со истото продолжува и по бегството назад во Париз.
Во 1974 е осуден на доживотен затвор поради грабеж во кој се убиени две аптекарки. Тој признава три претходни случаи на кражби што му се товарат, но негира дека некого убил. Во текот на неколкуте години поминати во затвор студира филозофија и шпански и пишува книга за сопствениот случај: „Опскурни спомени на полски Евреин роден во Франција“ (1975). Книгата станува хит, а одреден број француски интелектуалци и јавни личности, како актерката Симон Сињоре, писателите Франсоаз Саган, Жан Пол-Сартр и други, повикувајќи се на недоволните докази на првото, организираат кампања за второ судење, кое започнува на 26 април 1976.
Филмот, кој е целосно снимен во ентериер - судницата и просторијата за консултации на адвокатите - делува како документарец. За неупатените во случајот воведувањето во тоа кој и зотшо е суден најпрвин оди бавно, со откривање на детали од животот на Голдман, што би требало да ни опише каков човек е тој и дали би можел да убие две невини жени. Но низ неговата лична приказна се разоткрива расизмот и шовинизмот на францускиот систем, особено на полицијата, која заплашувајќи ги сведоците (голем дел од нив црни или од пониските социјални слоеви) ги терала да го идентификуваат Голдман како извршител. Нивните приказни често не се доследни, не се совпаѓаат времињата и местата, бојата на кабаницата или на колата, но константа е тоа дека Голдман е идеален виновник, насилен бунтовник кој мора да биде спречен да ги инспирира младите генерации со својот анархизам и лудило.
Судот го ослободува Голдман и тој продолжува да работи како новинар. Три години подоцна е убиен под мистериозни околности, од што би можело да се направи посебен филм. Убијците до денес не се пронајдени.