Композицијата „Остров на мртвите“ на Рахмањинов била инспирирана од црно-бела репродукција на истоимена слика на швајцарскиот сликар Арнолд Беклин, која композиторот ја видел во Париз во 1907. Tоа е најпознатата слика на Беклин кој направил неколку различни верзии oд неа помеѓу 1880 и 1901, а кои денес се изложени во Базел, Њујорк, Берлин и Лајпциг.
На сите нив е прикажан карпест изолиран остров среде мрачни води. Едно мало кајче тукушто пристигнува крај брегот, а на крмата стои силуета во бело. Позади неа има исто така бел предмет кој вообичаено се толкува како мртовечки сандак. На островот доминираат густи и мрачни кипариси, кои се симбол на гробишта и тажење.
Авторот не оставил подетални записи за своето дело, но го има опишано како „слика од соништата: таа би требало да предизвика таква здрвеност, што човек би се сепнал од обично чукање на врата“. Точно тоа што сликата и го прави, доколку подолго се загледате во неа.
Едно од можните интерпретации на сликата е дека таа е претстава на Харон, кој ги пренесува душите на мртвите во грчката митологија. Тогаш водата би требало да е реката Стикс, а патникот во бело неодамна почината душа која се сели во подземјето.
Сликата делумно е направена на Англиските гробишта во Фиренца, кои биле блиску до студиото на Беклин, и каде е погребата неговата мала ќерка Марија. Тој загубил дури 8 од своите 14 деца. Но моделот за карпестиот остров е веројатно Понтикониси, мал остров близу Крф. Други историчари на уметност тврдат дека се работи за заливот Котор во Црна Гора, а дека островот е направен по углед на сличен близу Пераст, каде има црква посветена на св. Ѓорги.
Кога Рахмањинов ја видел верзијата во боја тотално се разочарал, и изјавил дека да не била црно-белата репродукција веројатно никогаш не би ја напишал својата симфониска поема. Музиката почнува сугерирајќи звук на веслата во водата на пат кон островот. Бавната музика која „тоне“ може да се толкува како бавно плискање на бранови. Рахмањинов користи 5/8 такт за да илустрира движење на водата или темпото на веслање на веслачот.
Еве ја тука во изведба на Кралската филхармонија на Стокхолм, под диригенство на сер Ендрју Дејвис.
Целата приказна е инспирација за краткиот филм (8 мин) „Островот на мртвите“, режиран од Бенџамин Нуел, кој во моментов се прикажува на каналот на глобалниот филмски фестивал We Are One. Toj, доколку се гледа со опрема за виртуелна реалност создава чувство на присуство во просторот, и бавно пловење од дома кон финалната дестинација.