Првата верзија на „Танцот“ на Салвадор Дали била закачена во театарот Зигфелд во Њујорк во 1944, но подоцна била уништена во пожар кој го зафатил домот на сопственикот на театарот, бродвејскиот продуцент Били Роуз. Дали направил втора копија за Роуз, кој ја продал. Еден сопственик подоцна, таа завршила во куќата на Пабло Ескобар, среде неговата кокаинска империја.
Она што се случило потоа со сликата, која понекогаш се нарекува и „Буги-вуги танц“ или „Рокенрол“, е раскажано во нова книга објавена на шпански, чија авторка е сопругата на Ескобар, Викторија Еугенија Енао. Насловот е „Пабло Ескобар: мојот живот и мојот затвор“, а во неа Викторија меѓу другото ги опишува своите чувства кога прв пат ја видела сликата на Дали.
„Беше неверојатно. Ме погоди движењето на тој пар во бескрајната пустина, еротски и како во сон“, вели таа. Освен тоа, сликата станала еден вид амајлија откако домот на Ескобарови настрадал од бомба, а подоцна послужил како вид „подарок“ кој таа верува дека го спасил нејзиниот, и животот на нејзините деца.
Текст на Њујорк Тајмс детално го опишува патот на сликата, почнувајќи од оригиналниот „Танц“, нарачан како дел од серија „Седумте разиграни уметности“ од страна на Роуз по повод отварањето на неговиот театар. Дали тогаш насликал дела кои ги отсликувале неговите погледи на музиката, театарот и другите уметности, во мала просторија во самиот театар. Откако сликата изгорела, замената ја изработил во Шпанија, но малку ја видоизменил - наместо неколку фигури кои танцуваат во некаков ходник сега насликал само две, сместени среде пустина (слика горе оригиналот, слика подоле втората верзија).
Човекот кој ја купил оваа втора слика од Роуз ја продал на аукција во Њујорк во 1985. Во книгата на Енао не е јасно дали купувачот била таа лично, иако е наведена и цената, 209.000 тогашни американски долари (околу половина милион денешни). Како и да е, сликата во 1988 веќе била во Колумбија како дел од збирката која таа ја формирала, а која како што самата вели била некој вид бегство од животот полн насилство и страв. Нејзиниот сопруг не бил многу заинтересиран за современа уметност, само за антиквитети и стари коли.
Сликата била закачена во библиотеката во станот на Ескобарови во Меделин, кога автомобил-бомба експлодирал пред зградата. Самиот Пабло не бил дома, но членовите на семејството биле, и тие избегале. Неколку денови по нападот сестрата на Енао се вратила на местото и ја нашла сликата неоштетена. Ја прибрала кај себе дома, но Лос Пепес, непријателите на Ескобар, ја запалиле и нејзината куќа.
Од тогаш трагата на сликата се губи, но само до моментот кога сопругата на Ескобар, по смртта на Пабло, добива порака од еден од водачите на Лос Пепес. Пораката е дека сликата е кај нив, и дека тие би сакале да и ја вратат за таа да може да ги исплати сите оние на кои мажот ѝ им должел. Тогаш се сетила на советот на Пабло, дека ако некогаш дојде во таква ситуација треба да им го даде она што преостанало на нивните непријатели, само за да се спаси себеси и децата. Така и сторила, а последно што го слушнала во врска со сликата било дека Лос Пепес контактираат дилери од Богота, обидувајќи се да ја продадат на меѓународниот пазар.
Така, во 1994 „Танцот“ се продава во Кристис во Лондон, а Ескобарови не се наведени во списокот на поранешни сопственици. Почетната цена била 630.000 долари, а купена е за непозната сума од јапонскиот бизнисмен Теизо Морохаши, основач на компанија за спортска опрема. Тој веќе имал голема збирка од 330 слики и скулптури од Дали, кои ги донирал за формирање на Музејот на современа уметност Морохаши отворен во 1999 во регионот на Фукушима, а кој денес има околу 50.000 посетители годишно. Така - засега - завршил патот на оваа необична слика, со уште понеобична приказна.