Иако денес е позната како „Слепата готвачка“, Кристин Ха не се родила ниту слепа, ниту пак била особено склона кон готвење. Научила да си подготвува оброци во текот на студирањето од што морала, а ја развила вештината особено откако почнала да го губи видот како резултат на Невромиелитис оптика, автоимуна болест која се манифестира со воспалување на очните нерви. Ситуацијата со текот на времето се влошувала, и таа речиси сосема го загубила видот пред да наполни 30. Денес го опишува како „гледање во многу замаглено стакло по жежок туш“.
До 2012 таа сепак била доволно убедена во своите кулинарски вештини за да се пријави во третата сезона на американскиот МастерШеф. Успева да влезе во финалето, и да ја добие наградата од 250.000 долари како и договор за објавување книга со рецепти.
Нејзиниот прв готвач, „Рецепти од мојата домашна кујна: азиска и американска храна за утеха“ стана бестселер на листата на Њујорк Тајмс, а таа и денес патува низ целиот свет за да одржува работилници и мотивациски говори. Во 2014 ја добива наградата Хелен Келер од Американската фондација за слепи, признание кое претходно го имаат добиено и Реј Чарлс и Стиви Вондер. Има отворено ресторан во Хјустон, „Слепата коза“ (нејзиниот виетнамски хороскопски знак), а вториот „Ксин Чао“ се отвори среде пандемијата, во септември 2020. Во рестораните се служи автентична виетнамска храна, а Кристин постојано ја спомнува мајка си како извор на инспирација, жалејќи што не ги запишала нејзините рецепти пред да почине од рак, кога таа имала 14 години.
Повеќе од какви и да е биографски податоци, за Кристин зборува начинот на којшто готвеше за време на Мастершеф, без привилегии поради нејзиниот нарушен вид. Ракување со ножеви, жешка рерна, снаоѓање под притисок во кујната со другите сетила и со мала помош од сопругот. Ремзи не би бил тоа да не уплеска на почетокот („Ти стварно си слепа?“), за подоцна да и’ ја даде потребната поддршка, дури и кога Кристин мисли дека питата од јаболка изгледа како „куп ѓубре“. Денес тоа е стандарден десерт во нејзините ресторани, под името Рабиш епл пај.