Големите животни полесно одбегнуваат предатори. И да, метафората со „големите риби“ од светот на криминалот е соодветна. Ситните риби пак, оние вистинските, од едно од најголемите рибни семејства Gobiidae, кои не надминуваат 10 сантиметри во должина, имаат 6% шанса да бидат уловени дневно. За разлика од нив, белите ајкули живеат со децении. Поголемите животни исто така инвестираат повеќе во размножување - додека женката од спомнатата риба произведува само околу 250 мали јајца во текот на животот, женката на белата ајкула може да роди неколку стотини целосно развиени ајкулчиња во текот на нејзиниот животен век, секое по половина метро во должина.
Големата телесна маса има и други предности - полесно одржува константна температура, поголемата стомачна шуплина овозможува поефикасни процеси на ферментација, односно на варење и исхрана итн.
Овој тренд на голем број видови животни да растат во обем во текот на својата еволуција има и име, и се вика правилото на Коп. Едвард Дринкер Коп бил американски палеонтолог од 19 век, кој ги проучувал видовите за кои сметал дека го следат наведеното правило. Меѓу нив диносаурусите, кои во тек од 165 милиони години еволуирале од двометарски рептили во најголемите копнени животни на сите времиња (Титаносаурусот бил долг 37 метри), или делфините и китовит кои од амфибични сештојади со големина на мачка преминале во целосно водни животни со многу поголема телесна маса. Денешните сини китови се најголемите животни на планетата, при што возрасни единки можат да достигнат должина до 30 метри и да тежат до 200 тона.
Со оглед на сите предности на тоа да си голем, се поставува очигледно прашање: зошто тогаш сите животински видови не се такви? Една од причините е што малите животни создаваат нови видови многу побрзо. Овој процес се вика „специјација“ (speciation), при што еден дел од видот еволуира во поголеми примероци, додека останатите побрзо се мултиплицираат во нови мали примероци, со што мнозинството од тој вид останува мал.
Секако, во биологијата „правило“ не значи исто што и во некои други науки, односно може да е подложно на голем број исклучоци. Така, раните птици од мезозоикот никогаш не се зголемиле, а и некако логично со оглед на тоа што на тој начин летањето би им било многу потешко.
Уште една еколошка ситуација која ги фаворизира малите е масовното истребување. Настаните кои ги елиминирале диносаурисите биле причина за истребување и на голем број други големи животни, со исклучок на неколку крокодили и желки. Но во истиот период, пред 66 милиони години, ниту едно копнено животно потешко од 25 килограми не го преживеало она што се претпоставува дека било удар од метеорит.
Во денешниот „антропоцен“, или доба на човекот, мегафауната, односно животните потешки од 25 килограми страдаат секаде каде што сме стапнале. Ловот и модификацијата на животната околина вршат многу поголем притисок на големите отколку на малите. Изгледа ќе помине доста време додека човекот не сфати дека и тој - и под и над 25 килограми - е едно од тие суштества, кое се самоуништува уништувајќи ги останатите.