„Сато“ (со значење „селанец“, „земјоделец“, исто како нашето Ѓорги) ќе стане единствената опција за презиме во Јапонија до 2531, сугерира истражување кое е дел од кампања за укинување на нешто што организаторите го нарекуваат старомоден закон, кој датира од крајот на 19 век, според кој брачните другари мораат да имаат исто презиме.
Студијата, водена од Хироши Јошида, професор по економија на Универзитетот Тохоку, тврди дека ако Јапонија продолжи да инсистира паровите при склучување брак да бираат единствено презиме (во 90% од случаите од сопругот), сите Јапонци во иднина ќе бидат Сато-сан.
Јошида вели дека неговите проекции се базираат на неколку претпоставки (кои може, а и не мора да се остварат), но дека идејата е да се објаснат потенцијалните штетни ефекти на моменталниот систем во земјата.
„Ако сите станеме Сато, ќе мора да ни се обраќаат со личното име или со бројки“, вели тој. „Мислам дека не би сакале да живееме во таков свет“.
„Сато“ е веќе на врвот на списокот на презимиња во Јапонија. Според анкета од март 2023, така се презива 1,5% од населението, а Сузуки е на многу блиското второ место.
Со оглед на тоа што студијата беше објавена на 1 април, на социјалните мрежи излезе погрешна претпоставка дека станува збор за шега, но Јошида вели дека тоа било сторено намерно за луѓето малку да се замислат кога ќе сфатат дека не е. Нација составена само од Сатов-ци нема само да има практични последици туку ќе претставува удар на индивидуалниот дигнитет и регионалното наследство.
Само од 2022 до 2023 бројот на Јапонци со презиме Сато пораснал за 1.0083 пати. Ако оваа стапка остане постојана, и ако не се случи промена во законот за презимиња, околу половина од jапонската популација ќе го има тоа презиме во 2446, а во 2531 процентот ќе изнесува 100.
Студијата содржи алтернативно сценарио, изведено од анкета од 2022, спроведена од Синдикалната конфедерација на Јапонија, според која 39,3% од 1000 вработени помеѓу 20 и 59-годишна возраст изјавиле дека би сакале да имаат исто презиме со партнерот/партнерката дури и кога би имале опција на користење одделни презимиња. Ова значи дека ако останатите изберат различно презиме, до 2531 само 7,96% од јапонската популација би се презивала Сато.
Јапонија во моментов е единствената земја во светот која од брачните партнери бара да го користат истото презиме.