Нова изложба во Музејот на Викторија и Алберт во Лондон, под наслов „Храна: поголема од чинијата“, прикажува пет типови сирења направени од микроби собрани од британски славни личности.
Како човечкиот микробиом се претвора во парче чедар? Според блог пост на музејот, млекото се засирува со специфичен „стартер“, или бактерии кои одредуваат дали сирењето ќе зрее како гауда или како беровско сирење. Излегува дека голем број бактерии кои се користат за правење на овој млечен производ се слични со бактериите кои се наоѓаат на човечката кожа. Можеби затоа мирисот на смрдливи нозе и смрдливо сирење се слични. Некои од оние на човечкото тело исто така имаат моќ да претворат свежо млеко во сирење, и токму тие биле искористени за правење на „сирењастите селфиња“.
Научниците и мајсторите за сирење од лондонската био-лабораторија „Опен сел“ собрале бактерии од ушите, носовите, мишките и папоците на неколку славни личности (меѓу кои и фронтменот на бендот „Меднес“, на сликата). Бактериите потоа се одгледувани така за од нив да се одберат најсоодветните за правење сирење. Од спомнатиот Сугс, вокалот на Меднес, потоа бил направен чедар. Од Алекс Џејмс, басистот на Блур, чешир, а од бактерии од папокот на раперот професор Грин, кој додуша изјавил дека мрази сирење, била направена моцарела, единственото кое некако го поднесува.
Идејата, меѓу другото, е да се симне стигмата од бактериите и да се протестира против преголемата контрола врз чистотата на храната, која и ја одзема спонтаноста и органската природа. Животот без бактериите би бил невозможен, а тие, освен што прават да се разболуваме или да мирисаме, сепак ни овозможуваат и многу корисни работи - на пример правењето сирење.
За жал она добиено во рамки на овој проект нема да биде достапно за јадење, само ќе биде изложено во стаклени витрини во музејот. Иако се сомневаме дека некој би посегнал по нив, дури и да се делат без пари.