Не бадијала се вели дека човек „повторно се родил“ ако соочен со некоја тешка животна ситуација успее да ја надмине, особено ако таа има врска со болест или опасност чии последици се избегнати во последен момент.
Во Јужна Кореја ваквите искуства се симулираат, за да се поттикне размислување за тоа кој си, до кај си и што евентуално треба да промениш во животот, дур си уште на нозе.
„Откако ќе станеш свесен за смртта и ќе ја искусиш, тогаш заземаш нов пристап кон животот“, вели еден 75-годишник, кој учествувал во ваков „погреб“ како дел од програма за „добро умирање“. За неа можат да се пријават луѓе од различни профили - од тинејџери до пензионери, а дел од „терапијата“ е пишување сопствен тестамент, позирање за фотографија за надгробна плоча и лежење во затворен ковчег околу 10 минути. Секако, сето ова не е бесплатно.
Организаторите се најчeсто погребни претпријатија, кои само ја додале оваа активност на листата на услуги, а помеѓу нив има голема конкуренција. Една од причините која тие ја наведуваат зошто ова е потребно во земја како Јужна Кореја е високата стапка на самоубиства - 20,2 на 100.000 жители, речиси двојно од глобалниот просек од 10,53, според Светската здравствена организација.