Што значи всушност „гуд бај“?

Кога на некого му велиме „добра ноќ“, всушност му посакуваме да има убава ноќ. Истото важи и за многу други поздрави и разделби што почнуваат со „добро“: добар ден, добро утро, добра вечер и слично. Логично би било да помислиме дека и „бај“ во „гуд бај“ значи нешто во стилот „остани ми со добро“ или дека „бај“ е стар збор за одреден дел од денот. Ама приказната е поинтересна.

Уште во 14 век, во англиското говорно подрачје се користел израз „God be with you“ („Господ да е со тебе“ или „Господ да те чува“) кога луѓето се разделувале. Со текот на времето, овој долг израз почнал да се скратува. До средината на 16 век се појавила форма блиска до денешната. Според Оксфордскиот речник, во 1575 година за првпат во пишан извор се појавува зборот godbwye, во писмо на англискиот научник Габриел Харви, што на хартија функционира како некаков акроним но во говорниот јазик морал да се „испегла“ во нешто што звучело како „годбај“.

Во едно негово писмо спомнатиот Харви зборува за „галон збогувања“ со кои завршувале разговорите, алудирајќи на пречестото користење на овој израз.

Развојот од „God be with you“ до „goodbye“ не бил едноставен и праволиниски. Луѓето го пишувале изразот на најразлични начини: God be wy you, God buoye, good bwi’t’ye и многу други. Дури и Шекспир го користел во неколку различни облици во своите драми. Се смета дека промената од „God“ (Бог) во „good“ (добро) се случила под влијание на другите веќе постоечки поздрави со „добро“, како „добар ден“ и „добра ноќ“, кои се користеле уште од 13 век. Така, религиозниот израз постепено се „секуларизирал“, а од почетокот на 18 век „гудбај“ станал доминантен начин на збогување во секојдневниот, нерелигиозен говор.

Сепак, во многу други јазици религиозното потекло на збогувањето сè уште е очигледно. Така, француското „адју“ (adieu) и шпанското „адиос“ (adiós)  буквално значат „на Бога“, што јасно ја задржува првичната смисла на изразот.

20 јануари 2026 - 17:09