Портрети на уметници
Oваа година фестивалот како да се фокусира на биографски филмови и документарци посветени на животите на значајни уметници. Таков е на пример дебитантскиот филм на Етиен Комар, „Џанго“, за ромската џез легенда Џанго Рајнхарт и приказната за неговото семејство кое успеало да избега oд нацистите од окупираниот Париз, со кој ќе се отвори фестивалот.
Џефри Раш го игра славниот швајцарски скулптор и сликар Алберто Џакомети во „Последниот портрет“, режиран од холивудскиот актер Стенли Тучи. Ветеранот пак на германската кинематографија, Волкер Шлендорф („Лимениот барабан“) ја раскажува приказната за неговиот пријател Макс Фриш во „Враќањето во Монтаук“, базиран на животот на овој драматург и романописец.
Од документарците, „Бојс“ го истражува контроверзниот живот и уште поконтроверзното дело на еден од најзначајните повоени уметници во Германија, Џозеф Бојс.
„Женски“ теми
Агњешка Холанд го режира „Мирисна трага“ (Spoor или во оригинал на полски Pokot), хумористична „феминистичка бајка“, за ексцентрична пензионерка која живее во село во кое доминираат мажи. Таа, критикувајќи го пост-комунизмот во Полска, изјавила дека филмот можел слободно да биде наречен и No Country for Old Women, асоцијација на класикот на браќата Коен.
Уште три режисерки се во конкуренција оваа година: Тереза Вилаверде, чиј филм „Коло“ се занимава со судбина на семејство погодено од португалската економска криза, Илдико Енједи со романтичната љубовна приказна „За телото и душата“ стационирана во кланица во Будимпешта и Британката Сели Потер, во чиј филм „Забава“ настапуваат Патриша Кларксон, Кристин Скот Томас и Бруно Ганц.
Бегалци, Трамп, политика
Берлин има репутација на „најполитички“ обоен од сите големи филмски фестивали, па во оваа смисла се очекуваат чести спомнувања на брегзит, Трамп и другите светски неволји. Сепак, фестивалскиот директор Дитер Козлик изјави дека, и покрај сето незадоволство во светот, програмата му вели „да“ на животот. Уметниците ги опишуваат секојдневните апокалипси, но нудат и патеки за бегство.
Некои од ангажираните филмови се оној на откачениот Финец Аки Каурисмаки, кој во „Другата страна на надежта“ зборува за сиријски бегалец кој завршува во Хелсинки. Вон кино-салите, фестивалот има започнато иницијатива за помош на повеќе од 100,000 баратели на азил кои се дојдени во Берлин од 2015.
Наградите (најголемите се Златна и Сребрена мечка) ќе бидат доделени на 18 февруари, од жири чиј претседател е холандскиот режисер Пол Верховен („Робокап“, „Ел“). Најголемиот блокбастер на фестивалот е последниот од серијата Вулверин/Икс-мен, „Логан“, со Хју Џекмен, кој во Берлин ќе ја има својата премиера.