Како и за голем број други прашања, одговорот за тоа што се правело или се користело пред да се измисли Х се бара во остатоците од древните култури. И иако никој не спори дека големите природни катастрофи се токму тоа - катастрофи - некои од нив ни овозможуваат да реконструираме како изгледале тие општества.
Пример за ова е ерупцијата на Везув на 24 август 79-та година која ги „конзервирала“ остатоците од Помпеја, Херкуланеум и други римски населби. Тие прв пат биле ископани во 18 век, и оттогаш ни даваат податоци за различните аспекти од животот на древните Римјани.
Голем број од ВЦ-ињата откриени во Помпеја и на други места биле колективни. Истовремено, биле убави, со исцртани ѕидови, скулптури и низи од дупки во студените италијански мермери. И ова било многу нормално, да седиш на камен олеснувајќи се, при што изметот паѓал во мал поток под тоалетите.
И ова не е нешто многу различно од денес, но со еден битен детал - место тоалет хартија, тие користеле tersorium, технички „четка за задник“, кој се состоел од природен сунѓер изваден од Средоземното море и закачен на стап. Древниот Римјанин едноставно ќе се пребришел, ќе го заплакнел сунѓерот во тоа што стоело на располагање (проточна вода или кофа со вода помешана со оцет и сол за дезинфекција) и ќе го оставел за следниот корисник. Понепријатна алтернатива биле абразивни керамички дискови наречени pessoi.
Интересно е и што правеле со човечката мочка, за која знаеле дека е полна со амонијак и други хемикалии кои се одлични природни детерѓенти. Доколку сте работеле во јавна перална во тоа време, вашата работа би била да ги полевате алиштата со мочка по цел ден, во базени во кои би стоеле боси, и во течност до зглобови.
Секако, тоалет хартијата не е универзална придобивка ни денес, а радикалните поборници за Нула отпад со индигнација ја одбиваат користејќи - мов. Можеби ре-употребливиот терзориум исто така доаѓа предвид?