Што ни кажува овогодинешниот список на Пулицерови награди?

Откако Кендрик Ламар ја доби Пулицеровата (во 2018 - damn!, кога пројдоа?), на оваа тема се нема случено нeшто премногу возбудливо. Сепак, како и секоја голема награда и оваа нешто кажува, за атмосфера, трендови, влијанија. Да видиме што.

Веста за добитниците на овогодинешните Пулицерови награди, кои беа соопштени завчера (4.5.), во нашите медиуми беше „суво“ пренесена од само 2-3 медиуми, можеби затоа што некој смета дека тоа е „американска работа“. Но дури и да е така, списокот секоја година е прилично јасен портрет на тоа во какво новинарство се вреднува и каква порака испраќа тоа (или не) кон „структурите на моќта“.  

Ако може да се извлече таков НЗС од овогодинешниот список, впечатокот е дека за разлика од претходни години, кога знаеа да доминираат „големи приказни“ во класична смисла – војни, избори, спектакуларни настани – сега се забележува една поинаква констелација: новинарството повторно се занимава со спомнатите структури, но не како наратив, туку како систем што треба да се разобличи.

Голем дел од наградените трудови ja aнализира политичката власт и нејзините механизми, особено во контекст на администрацијата на Трамп. Но она што е интересно не е само присуството на политиката, туку начинот на кој таа се третира. Не станува збор за дневнополитичко известување, туку за долгорочни истражувања што ја следат трансформацијата на институциите, судирите на интереси и постепеното ширење на извршната моќ. Тоа упатува на враќање кон една од најстарите функции на новинарството – да биде коректив на власта – но во услови што се значително посложени и понепријателски настроени од порано.

Најиндикативен пример во оваа смисла е приказната на Хана Нејтенсон, репортерка и членка на победничкиот тим на Вашингтон пост во областа Јавен сервис. Во јануари оваа година ФБИ упадна во нејзиниот дом, во нешто што беше опишано како „многу необичен и агресивен чин“. Ова било направено наводно како дел од истрагата за владин соработник обвинет за нелегално поседување на класифицирани владини материјали, а кои тој наводно ги споделил со репортерката. Притоа биле запленети сите нејзини електронски уреди (дури и Гармин часовникот). Но овој настан придонесе кон Нејтансон да пристапат дополнителни 1.169 извори, сите сегашни или поранешни федерални службеници. Со тоа таа го заработи прекарот „свиркач на Вашингтон пост“.

Паралелно со тоа, се гледа силно присуство на теми поврзани со технологијата, што укажува дека центарот на моќта повеќе не е исклучиво политички. Истражувањата за технолошки компании, алгоритми, дигитални измами и системи за надзор покажуваат дека новинарството сè повеќе се насочува кон една нова, често нетранспарентна сфера на влијание. Taква е, на пример, наградената сторија на Ројтерс за Мета, која содржи детали за начинот на кој компанијата ги изложува корисниците, вклучително и деца, на измами и ВИ манипулација. Ако во 20 век новинарите главно ја следеле државата, во 21 век тие сè почесто ја следат технологијата – нејзините скриени механизми и последиците врз секојдневниот живот.

Во исто време, впечатлив е и еден, на прв поглед парадоксален тренд: силно враќање на локалното новинарство. Значаен дел од наградите одат кај редакции што се занимаваат со конкретни, често „мали“ теми – закони за влечни служби (како во наградената статија на Конектикат Мирор и ПроПублика) или градски политики за имиграција (Чикаго Трибјун). Но токму овие приказни имаат директен ефект врз заедниците и често доведуваат до конкретни промени. Тоа покажува дека, и покрај кризата на локалните медиуми во последната деценија, нивната улога не само што не исчезнала, туку станува сè поважна како простор каде новинарството има најнепосредно влијание.

Она што исто така не исчезнува, и покрај доминацијата на истражувачките и системските теми, е човечката приказна. Меѓу наградените има силни лични сведоштва, фото-есеи и наративи што се фокусираат на индивидуални искуства – загуба, болест, преживување. Ова укажува дека современото новинарство функционира на два паралелни колосека: од една страна се обидува да ги објасни сложените системи на моќ, а од друга страна не се откажува од потребата да ја раскаже човечката димензија на тие системи. Токму во таа комбинација лежи неговата сила.

Дополнително, јасно се гледа дека формата на новинарството се менува. Наградите не се ограничени на текстуални форми, туку опфаќаат подкасти, визуелни приказни и мултимедијални проекти. Тоа значи дека новинарството веќе не е врзано за еден медиум, туку се прилагодува на начинот на кој публиката консумира информации. Во таа смисла, границата меѓу новинарство, документаристика и визуелна уметност станува сè понејасна.

На крајот, можеби најважниот впечаток е дека новинарството денес се наоѓа во напната, но продуктивна позиција. Од една страна, е под сериозен политички, економски и технолошки притисок. Од друга страна, токму тие притисоци изгледа го туркаат кон подлабоки, посуштински приказни. Наместо површно информирање, доминира обидот да се разберат процесите што стојат зад настаните. Наместо сензационализам, се вреднува истрајноста.

Ако нешто може да се заклучи од овогодишните добитници, тоа е дека новинарството не исчезнува, туку се трансформира. И во таа трансформација, неговата најважна задача останува иста: да го направи видливо она што некој сака да остане скриено.

Сите наградени и финалисти тука

6 мај 2026 - 10:08