Што не кажувате вакви работи?: зошто НЕ треба (секогаш) да се живее во моментот

За еден куп совети за исполнет ментален и физички живот, кои на прво слушање звучат некако логично, постои и контра совет кој, парадоксално, може исто така да држи вода. Мастите не чинат - сланината е супер. Кардио вежбите го продолжуваат животот - никако кардио! Е сега, после години обид за тренирање зен став на „живеј во сегашноста“, не морало така.

Идентификацијата со сегашноста, не како забрзано фучење на зептосекунди туку серија на временски „бришан простор“ кога човек може подлабоко да се фокусира на нештата, потекнува од будистичкиот концепт на „сати“, сфатен како „свесност за моменталните случувања“. Во доцниот 19 век, еден британски службеник во Шри Ланка ја зипувал идејата во еден единствен англиски збор: мајндфулнес (сосредоточеност).

Во својата 20-вековна западна итерација, сосредоточеноста беше посилно поврзувана со психолошкото отколку со духовното здравје. Во 1979, Џон Кабат-Зин, еден од најраните популаризатори на oвој концепт во САД, ја основа Клиниката за намалување на стресот на Универзитетот Масачусетс, каде дизајнираше програма инспирирана од зен будизмот. 

Во следните децении, сосредоточеноста, дефинирана како практика на тоа да се биде присутен, стана тренди дневен ритуал. Колку и да звучи цинично, технологијата истовремено ја интензивираше потребата од фокусирање, но и почна да обезбедува „решенија“. Пазарот за апликации за медитација во 2021 вредеше 98 милиони долари а се смета дека до 2030 бројката ќе се искачи на 307 милиони. Наводните здравствени придобивки од фокусирањето вклучуваат подобра меморија, полесно заспивање, помалку болка, понизок крвен притисок. Тоа да се биде присутен изгледа како чудотворен лек. Сосредоточувањето почнува да личи на фитнес вежбање, каде напредокот може да се бодува и да се подобрува. 

Мантрата притоа гласи: „Кога се фокусираш на вчера, не можеш да бидеш присутен денес. Кога се фокусираш на утре, не можеш да бидеш присутен сега“. Да се мисли на минатото или на идината значи да не се постои во сегашноста. Загази во други темпорални зони и ризикуваш да заглавиш во циклус на негативни мисли.

Но што е со носталгијата? Со фантазијата? Толку ли се тие ужасни? На крајот на краиштата и опсесивното мислење не е секогаш залудно; тоа може да биде интензивен облик на сонување на јаве. Ако минатото и иднината не ги сметаме за локации на штетни мисли или на каење, ова може да биде дури и здрава ментална „прошетка“, извор на креативна инспирација, понекогаш на утеха. 

Фокусирањето исклучиво на сегашноста, од друга страна, може да биде погрешно разбрано, злоупотребено па дури и сведено на апсурд. Да ти биде забрането, поради наводни здравствени причини, да излезеш од сегашноста може да биде средство за одбегнување одговорност; да се живее во и за сегашноста значи луѓето да се изземат од причинско-последичниот континуум. Всушност, обесхрабрувањето на луѓето од тоа да ја поврзуваат сегашноста со минатото и да проектираат во иднината, парадоксално може да создаде здравствен ризик, токму онаков каков што сакаме да одбегнеме употребувајќи ја оваа стратегија. 

извор

6 јули 2023 - 18:22