Сочуваните преписки на Ван Гог, над 900 писма, пред сè со неговиот брат Тео, покажуваат колку тој читал книги и какви наслови биле во центарот на неговиот интерес. Мариела Гузони, независна истражувачка и кураторка во својата нова книга „Винсентовите книги: Ван Гог и писателите кои го инспирирале“, покажува дека тој ги обожувал книгите, иако не бил колекционер. Поисправно би било да се каже дека бил „книгокорисник“. За него физичките предмети не биле важни, туку голтањето на нивната содржина.
Читал на холандски, англиски, француски, германски, а го интересирале дела кои се однесувале на неправдите и кои сочувствувале со сиромашните; за вредноста на едноставноста, понизноста и трудољубивноста; книги кои ја славеле земјата и природата; истражувањата на човечката психа. Винсент исто така верувал дека е корисно да се читаат лежерни и популарни изданија, и како облик на рекреација, но и за човек да биде упатен во она што се случува околу него и го одразува времето во коешто живее. Главно станувало збор за романи, но и за историски дела и биографии на уметници. Во книгата се вклучени слики во боја од делата на Ван Гог кои вклучуваат книги, весници и списанија и нивни читатели, како и цитати од самиот автор во врска со читањето, како следниов: „Книгите, реалноста и уметноста за мене се едно исто“.
Желбата за читање за сиромашните и маргинализираните датирала уште од неговата младост, кога по неуспешните студии по телогија станал проповедник на копачите на јаглен во рударска област во Белгија. Неговиот пристап бил радикален - им ги дал сите нешта кои ги поседувал, се грижел за повредените и правел завои за нив од своите кошули. Тоа е период кога интензивно читал но и правел скици-портрети на луѓето кои биле „исцрпени, со лузни од лошото време и прерано остарени“. Писателите кон кои се приврзал во овој период биле Чарлс Дикенс и Виктор Иго, но и Жил Мишле (1798-1874), француски историчар, од кого Ван Гог научил да ги става „лицата на народот во фокусот на својата револуција на портретот“. Од Иго пак научил дека „врховната уметност е област на еднаквите, и нема примарност помеѓу ремек-делата“. Ja читал и Хариет Бичер Стоу, односно нејзината „Колиба на чичо Том“, дознавајќи за ропството и сиромаштијата и во други, подалечни контексти.
Критиката ја оценува книгата на Гузони како добар интердисциплинарен пристап и доближување на сликарството и книжевноста, како и начин за промовирање на неговите помалку познати слики на кои има или луѓе кои читаат книги или на кои книгите се главниот артефакт.
(горе: „Читателка на роман“, слика на Ван Гог од 1888)