Што е тоа „Ефектот на Матилда“?

Во 1945 година Ото Хан (на фотографијата десно) ја добил Нобеловата награда за хемија за откривањето на нуклеарната фисија. Неговата долгогодишна соработничка, физичарката Лиза Мајтнер (лево), не добила никакво признание, иако нејзиното знаење и нејзината работа биле клучни за ова откритие. Овој пример не е осамен случај. Низ историјата, бројни жени научници биле маргинализирани, заборавени или целосно изоставени од официјалната историја на науката. Оваа појава е толку честа што има и свое име – Матилдин ефект.

Терминот „Ефект на Матилда“ доаѓа од американската суфражетка, активистка и социолог Матилда Џослин Гејџ. Таа уште во 1870 година со остар текст се спротивставила на тогашното убедување дека жените немаат талент за наука и иновации, нагласувајќи дека традицијата, историјата и искуството јасно покажуваат дека жените ги поседуваат овие способности на највисоко ниво. Речиси еден век подоцна, историчарката Маргарет Роситер, проучувајќи ги заборавените придонеси на жените во науката, го вовела поимот „Матилдин ефект“ за да ја опише систематската негрижа и одземање на признанието од жените научници.

Овој проблем, како што истакнува новинарката Кејти Хафнер, не се однесува само на недобиени Нобелови награди. Често станува збор за тоа жените да не бидат наведени како авторки на студии, нивното име да се појави само како фуснота или воопшто да не се спомене. Во архивите на проектот „Заборавени жени во науката“ постојат стотици вакви случаи, што покажува колку длабоко е вкоренета оваа неправда.

Случајот на Лиза Мајтнер јасно го илустрира тоа. Иако имала поддршка од семејството, како Еврејка и како жена морала да се бори многу повеќе за своето место во науката. Кога Хан ја добил Нобеловата награда, таа не само што не била наградена, туку била и во егзил во Стокхолм. Дури подоцна станало јасно дека нејзиниот придонес бил пресуден, а од нивната кореспонденција може да се види дека Хан имал ограничено разбирање на физиката и не би успеал без нејзина помош. Нејзиниот живот и борба за признание, како и нејзиниот ужас од тоа како било искористено откритието на нуклеарната фисија, се документирани и во книги кои подоцна ја препознале нејзината улога во историјата.

Причините за оваа систематска занемареност се повеќеслојни. Долго време жените немале пристап до авторски позиции, раководни функции или академска моќ. Најчесто биле сведени на асистентки или секретарки, покрај тоа што од нив се очекувало да ги исполнуваат традиционалните улоги на сопруги и мајки. Често работеле заедно со своите сопрузи-научници, но нивниот труд бил припишуван на мажите.

Дополнителен фактор била и доминантната претстава за науката како резултат на делување на „големи мажи“, наместо како заеднички, колективен процес. Ова довело значајни откритија да им се припишуваат на поединци или мали групи, најчесто мажи, иако реалноста била многу покомплексна.

Такви примери има многу: астрофизичарката Џоселин Бел Барнел, која ги открила пулсарите, не ја добила Нобеловата награда – таа му била доделена на нејзиниот ментор. Истото се случило и со микробиологот Естер Ледерберг, која иако одиграла клучна улога во истражувањата за генетиката на бактериите, била изоставена од Нобеловото признание што го добил нејзиниот сопруг со други колеги. Овие случаи јасно покажуваат колку долго и систематски придонесот на жените во науката бил туркан во сенка, односно колку е долгорочен „ефектот на Матилда“. 

извор

10 декември 2025 - 08:22