Што е тоа „ефект на коктел забава“?

Селективното слушање, познато и како „ефект на коктел забава“, е способноста да разликуваме и да се фокусираме само на еден звук во присуство на други со кои тој конкретен звук се „натпреварува“. Накратко - она што нè интересира го слушаме, другото го игнорираме како позадинска врева.

Терминот „ефектот на коктел забава“ е создаден од когнитивниот научник Колин Чери (1914-1979). Тој се интересирал за фокусираното аудитивно внимание (она кое им го придаваме на звуците), особено во ситуации кога треба да се следи еден разговор во бучна просторија, додека истовремено се слушаат и други муабети и звуци. Тој вршел експерименти кои вклучувале две различни аудио пораки емитувани во левото односно десното уво на учесниците, при што тие добивале инструкција да внимаваат само на една. Учесникот тогаш ја ставал „во сенка“ онаа непотребната, која ја слушал како позадинска врева, без потоа ништо да знае за нејзината содржина. 

Според Чери, оваа карактеристика за дискриминација на едни звуци во корист на други е широко распространета помеѓу луѓето, со тоа што повеќето слушатели можат лесно да направат два „канала“ на слушање - едниот за важните, а другиот за помалку важните нешта. Ефектот се нарекува и селективно слушање, а неспособноста за селекција е означена како „глувост на коктел забава“ (cocktail party deafness). 

Ефектот на селекција функционира најдобро доколку се слуша со обете уши. Експериментите покажале дека луѓе кои слушаат само на едно уво имаат многу поголем проблем на идентификација на не-врева од врева. 

Интересен е и мотивот на Чери за занимавање со овој феномен. На почетокот на 1950-тите, контролорите на летање комуницирале со пилотите преку звучници во контролната кула. Слушањето на измешани гласови на голем број пилоти ја отежнувала нивната задача, што можело да доведе до катастрофи. 

Селективното слушање се вика така токму затоа што бира кои зборови ги слуша кои не. Тоа зависи од личниот интерес за тековниот разговор, но некои зборови сами од себе „отскокнуваат“, како оние табуизираните, или слушањето на личното име или името/гласот на некој близок. Истовремено, селективното слушање не е доживотно. Како што старееме, така опсегот на внимание се намалува, и како резултат на тоа повозрасните не можат да се фокусираат на разговори во средини со многу гласна врева. Но истовремено предвид треба да се земе и факторот на намалување на слухот, а не само на можноста за фокусирано слушање.  

25 октомври 2024 - 10:16