
Првите два биографски филмови на Пабло Ларен, за Џеки Кенеди и принцезата Дијана, прикажуваат жени кои само мислиме дека ги познаваме, поради нивното масовно присуство и прикажување во медиумите. Разликата со Марија Калас е што таа има обемно дело кое помага во нашето разбирање и на нејзината личност, земајќи го предвид тоа дека, за разлика од нејзините „колешки“, се борела за место под рефлекторите, а не била славна само поради поврзаноста со познато семејство.
„Марија“ не е обичен биографски филм, прво затоа што нема линеарна, хронолошка нарација, второ затоа што голем дел од нештата ги дознаваме прекршени преку спомените, но и халуцинациите на Марија. Таа неколку денови пред својата прерана смрт на 53 години живее во огромен апартман во Париз, опкружена само со своите слуги и двете кучиња, на тешки лекарства кои прават да не ја разликува реалноста од измисленото.
Анџелина Џоли одлично доловува дива на залез, онака каква што ја замислуваме - достоинствена во својот пад, трагична во својот обид и буквално и фигуративно за последен пат да се слушне нејзиниот глас. Актерката седум месеци земала часови, за да може нејзиното реално пеење да се „измикса“ со она на Калас, главно во сцените кои укажуваат на тоа дека таа всушност и не е способна веќе да пее. Можеби и не е праведно што таа не доби номинација за Оскар за оваа улога, и тоа врз основа на замерки дека била „преубава“ во споредба со жената што ја толкува.
Ако тоа е една фикција во споредба со фактите, како стои филмот во однос на другите детали?
Феручо и Бруна се шоферот и готвачката на Марија, но и замена за семејство - таа често вечера со нив (поточно, повеќе ги гледа како тие јадат) и игра карти. Овој опис е точен, а вистинскиот Феручо, кој почнал да работи за Калас во 1958 и останал со неа 20 години, е се уште жив. Тој одбил големи суми пари за да открие досега непознати детали од нејзиниот живот (иако зборувал со режисерот и со сценаристот Стивен Најт), но често си спомнува за љубезноста која Калас им ја пружала. Иако се тврдело дека постои тестамент според кој слугинката и возачот требало да добијат половина од имотот, таков документ не е пронајден. Имотот е поделен помеѓу нејзиниот поранешен сопруг Џовани Батиста Менегини и нејзината сестра Јакинти, која се појавува во сцени од филмот во помлада и во постара варијанта (таа подоцна рекла дека се откажала од својот дел во корист на вработените на Марија, но дали е тоа точно не е познато).
Во филмот причината за смртта на Калас е откажување на срцето, како последица на негрижа за здравјето и земањето тешки лекови. Но според теорија на Франко Зефирели, режисер, соработник и личен пријател на Марија, таа била отруена од „Грци кои биле поврзани со нејзината сестра“. Тука пред сè се мисли на пијанистката којa ја придружувалa на пробите во последните години од животот, Васо Девеци, која самоиницијативно организирала телото на Калас да биде кремирано. Се верува дека таа претходно украла големо количество пари (односно накит) од Калас за да основа фондација за млади пејачи, што на крај и го сторила, иако не е јасно колку средства од постоечките навистина биле вложени.
Низ сеќавањата на Марија во филмот се преплетуваат такви во кои нејзината мајка е претставена како монструм - таа ги тера двете ќерки да пејат за германските војници во окупираната Атина во текот на Втората светска војна, а и да прават нешто повеќе. Сестрите биле родени во Њујорк, но кога Марија имала 13 години семејството се преселило во Атина, баш во невреме. Во текот на окупацијата страдале за парче леб и морале да копат по отпад за да се прехранат. И самата мајка притоа работела како проститутка.
Во филмот Марија е заведена од Аристотел Оназис, но никогаш не се мажи за него, ниту пак тие имаат дете. Во различни книги и статии на оваа тема повремено се провлекува теорија дека Марија сепак му родила син на Оназис, Омеро, кој починал многу бргу по раѓањето. Но поверојатно е дека или до бременост не дошло или дека таа била рано елиминирана, под притисок на самиот Оназис но и на кариерата на Калас.
Калас пред смртта навистина вежбала во театарот Шанзелизе со познат диригент и вокален тренер Џефри Тејт. И вистина е дека двајца француски новинари без дозвола ги снимале овие проби, кои биле пуштени на француското радио во 1980. Наследниците на Калас, односно нејзината мајка и сестра, го тужеле радиото и менаџерот на театарот кој ги пуштил новинарите.