Шпанското село врз кое паднале американски атомски бомби

Годината е 1966. Врз жителите на инаку мирното шпанско село Паломарес од ведро небо, по судир на американски бомбардер и исто така американски авион-танкер, паѓаат „загубени“ атомски бомби. До денес регионот не е исчистен од радиоактивност. 

На 7 април 1966, пред речиси 60 години, нуклеарно оружје кое американската армија очајно го барала цели 80 денови конечно било пронајдено. Воената глава со експлозивна моќ 100 пати поголема од бомбата фрлена врз Хирошима била внимателно извадена од длабочина од 869 метри од Средоземното море и нежно поставена на американски воен брод. Следела мачна фаза на демонтирање, после која сите конечно можеле да здивнат - последната од четирите атомски бомби кои САД случајно ги фрлиле врз Шпанија била пронајдена. 

Ова не бил прв инцидент кој вклучувал нуклеарно вооружување. Листата на Пентагон содржи девет претходни случаи поврзани со авиони кои ги пренесувале. Но сега разликата била во тоа што ваков инцидент прв пат се случил на странска територија, вклучувал цивили и го привлекол вниманието на светот. 

Ужасната ситуација била резултат на американска операција под кодно име „Хром Дом“. На почетокот на 1960-тите САД развиле проект за да го спречат СССР од тоа прв да започне напад. Патрола од бомбардери Б-52 вооружени со атомски бомби постојано шпартале по небото, подготвени да ја нападнат Москва доколку тоа им било наредено. Но за да останат во воздух на тие долги рути авионите морале и да полнат гориво и тоа во лет. 

На 17 јануари 1966, еден таков бомбардер летал на 9,5 километри висина над регионот Алмериа во јужна Шпанија, кога се обидел рутински да наполни гориво од авион-танкер КЦ-135. Бомбардерот летал премногу брзо и не ја стабилизирал својата позиција, по што дошло до судир. Се случила експлозија која ги убила сите четворица во танкерот и двајца во Б-52. Третиот од посадата на бомбардерот успеал да се исфрли од авионот, но починал кога не му се отворил падобранот. Останатите четворица од бомбардерот успешно се извлекле од авионот во пламен пред тој да се распадне и да се сруши врз земјата, во вид на пламени делчиња и убиствен термонуклеарен товар, кој паднал врз шпанското село Паломарес. Тројца од нив успеале да се спуштат во Средоземното море неколку милји од брегот и биле спасени од локални рибарски чамци еден час по несреќата. Четвртиот, контролорот на радарот на Б-52, се исфрлил во текот на експлозијата која лошо го изгорела па не можел да се оддели од своето седиште. И покрај ова, успеал да го отвори падобранот, бил пронајден жив близу селото и однесен во болница. 

Бомбите имале заштита во форма на падобрани кои требало да го намалат ударот при несакано испуштање и да превенираат радиоактивна контаминација. Една таква недетонирана била пронајдена во корито на река и безбедно извадена следниот ден. Но за жал, две други нуклеарни бомби експлодирале бидејќи не им се отвориле падобраните. За четвртата никој не знаел каде е.

Во 1968 Би-би-си прави интервју со шпанскиот земјоделец Педро Аларкон кој си одел кон куќата со своите внуци кога една од бомбите му паднала во градината со патлиџани и експлодирала. Втора бомба паднала близу локалните гробишта. Но отпад од авионот имало низ целото шпанско село. „Мислевме дека е крајот на светот“, изјавиле жителите во интервјуто. 

Веднаш по вестите дека американскиот бомбардер се срушил заедно со оружјето, започнала голема операција. Сите зборувале за „скршена стрела“ - кодниот збор за нуклеарна несреќа. 

За среќа, никој не бил мртов на место - и покрај тоа што на селото паднале 100 тони запален отпад, немало ни мртва кокошка. Жителите биле толку фини што ги собрале остатоците од американските војници кои биле убиени и ги ставиле деловите и екстремитетите во пет сандаци, нешто што потоа предизвикало бирократски тешкотии бидејќи деловите биле испомешани. 

Во потрагата по бомбите се вклучила и шпанската полиција Гвардија Сивил. Тие дошле во кафаната во Паломарес - единственото место што имало струја во тоа време - и ги регрутирале жителите да почнат да бараат со нив. Во меѓувреме плажата во Паломарес станала база за 700 американски војници и научници кои итно требало да спречат контаминација. 

Селаните успеале да најдат три од бомбите, но за последната биле потребни неколку месеци истражување на морското дно на Медитеранот. Тогаш ново технолошко чудо, пловилото Алвин за длабоко нуркање, конечно ја лоцирало бомбата што недостасувала. По ова Американците направиле необичен чекор - им ја покажале на светските медиуми. Поентата била дека ако луѓе не ја видат со свои очи никогаш нема да бидат сигурни дека била најдена. 

И по шест децении, инцидентот се уште фрла долга сенка над овој регион. Американската операција не успеала да исчисти некои делови, па САД и Шпанија се договориле да финансираат годишни здравствени прегледи за сите жители. Исто така ветиле дека ќе ги анализираат почвата, водата и воздухот, како и локалните приноси. Но сепак и денес има 40 хектари затруена почва која останува зад огради. Таа со договор од 2015 помеѓу двете земји требало да се исчисти, но тоа се уште се нема случено. 

26 април 2025 - 09:21